Носи ли Таа Македонија гаќи?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Овластен сум да соопштам дека официјалната Жири-комисија на Дебармаалските ручеци на поезијата, после неколкудневно предизборно самопрегорно и мошне посветено заседавање по џезмиња и софри, со поддршка на разни скараџиски марифетлуци, шпиритуални напитоци и експертски совети од соседните алкохолисти, едногласно (од оние кои беа во состојба да гласаат) донесе Одлука со која се прогласува Најлошиот Кандидатски Спот за Изборната Сезона 2019!

Честа да се закити со ова традиционално високоалкохолизирано признание во првата година од доделувањето ѝ припадна на Опозицијата, со спотот „Таа е нашата правда! Таа е Македонија!“.

Високите естетски промашувања на овој спот се подеднакво содржани како во визуелниот, така и во текстуалниот израз на авторите, кои не штеделе труд и талент да го пренесат на публиката својот ужасно патетичен соц-реалистички и нац-социјалистички поглед на Татковината, која ги повикува.

Таа, Македонија, сликовито е претставена низ сензуалните облини на една челично нашминкана госпоѓица која неодоливо личи на Круела де Вил, со изразито провокативен црвен кармин и со сексипилно распуштени долги коси, во распафтан пурпурен вечерен фустан, која, со пркосен поглед во иднината, боса и со развеани скутови околу јадрите голи нозе, театрално се движи низ рамнините и височините на Татковината, повремено јавајќи едно лесно оседлано, цврсто стиснато меѓу расните ѝ бедра, бело планинско ушлесто коњче од сортата крадам-дрва-за-огрев-кога-не-снимам-спотови.

Жирито, со неколку последователни здравици, го изрази своето воодушевување од сцените во спотот во кои оваа македонска Божица на Плодноста, во суптилен садо-мазо стил, е претставена со пранги на рацете, паралелно со авторскиот пристап во спотот во кој до крајот и по него не се открива дали госпоѓицата „Мајка Храброст“ Македонија носи долен веш, можеби танга? Најверојатно не, така личи, иако дебатата и покрај многуте сликовити и сочни алузии, заврши без консензус.

Сепак, вистинскиот делириум (тременс) што ја зафати жири-комисијата во густите алкохолни испарувања настапи со слушањето на текстот што како драматичен пионерски рецитал оди во позадината на спотот, читан од прославениот македонски актер-патриот, Тони Михајловски, викан „Шанац“. Низ неговата карактеристична кого-ебам-не-жалам еротска интерпретација е пренесен целиот список од симболични значења за сечење вени за секој просечен домољуб (цитирам): пиреј, цвет, плод, леб, култура, уметност, сонце, радост, среќа, убави моменти, болка, тага, жртва, сила, чест, победа, правда… (затворен цитат).

Но, другарот Шанац не заборава да подвлече и дека Таа (Македонија) „се соочува (и) со црнила и предавства“, се знае од кого, да им сè по список до трето колено кодошко!

Жири-комисијата изрази и забелешка што во спотот недостасуваат христијански, православни елементи, што претставува јасен троцкистички ревизионизам на идејата дека Македонија е библиска земја. Овој очигледен пропуст на авторите беше оценет како подготовка за бојкот на вториот круг на гласање!

По што жири-комисијата ја побара сметката, за да види уште што ќе се додаде на рабушот што ќе се плаќа со парите од тутунот кога ќе се исплатат субвенциите по изборите. Кафето и баклавите отидоа на сметка на куќата.

Оваа Одлука, натопена, па сушена со салфети и малку размачкана, предизвикано од нестабилноста на чашите што се разлеаја заради изместувањето на тапата под едната пократка ногара на асталот на кој е пишувана, е направена во три исти примероци и е доставена до власта, до опозицијата и до меѓународните набљудувачи, за оверка. За веродостојноста на запишаното гарантира првиот што падна под масата, како најтрезен.

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот