Носете маски, не носете маски, држете растојание, туркајте се во автобуси…!

Илустративна фотографија/Архива на СП

Од една страна здравствените власти воведуваат рестриктивни мерки, од друга страна полни автобуси, турканици пред банките…

Таман луѓето се поднаучија да носат маски, како за себе -заштита од корона вирусот, така и како заштита на останатите од нив, од Светската здравствена организација доаѓа препораката – луѓето да не носат маски! Биле штетни, ако се употребувале неправилно.

Но судејќи се по причините, не се само во тоа, туку исто така има глобален проблем со недостаток на маски и друг медицински материјали. Укажувањата од СЗО доаѓаат како поттик дека луѓето со најголем ризик се здравствените работници изложени на вирусот секоја секунда од секој ден. Мислата да се нема маски е ужасна, велат од таму.

Значи не само што можат да бидат штетени, маските им се попотребни на здарвствените работници.

Од друга страна пак експертите низ светот укажуваат дека треба да се носат маски и потсетуваат на кој начин треба да се носат заштитните маски за време на пандемијата на коронавирусот.

Оние кои имаат симптоми на грип и настинка треба да носат плави или зелени маски и при тоа обоената страна да биде надворешна, затоа што од внатрешната страна имаат подлога која служи да ги впие бактериите кои излегуваат од нивните дишни патишта.
На тој начин се спречува ширењето на вирусите и бактериите.

Ако пак тој што носи маска не е болен, треба да ја сврти маската и белиот дел кој служи за апсорпција да биде надворешен, а плавиот или зелениот дел да биде внатрешен за да се спречи доаѓање во контакт со вирусот.

Но ова создава вистинска забуна кај граѓаните. Носете, не носете маски…!

Владите и граѓаните ширум светот не можат туку така веднаш да реагираат на променлвите ставови на СЗО. Повеќето од нив веќе имаат нарачано поголеми количини од увоз за заштита од вирусот. Но некои држави пак забранија извоз на маски чувајќи ги за потребите на своите граѓани.

На светските лидери, па и на СЗО изгледа не им беше доволно предупредување што Кина иако е можеби најголемиот произведувач на маски во светот, во периодот меѓу 24 јануари и 2 февруари има набавено 220 милиони маски од Јужна Кореа.

Сега секој се снаоѓа како знае и умее.

На Балканот веќе по социјалните мрежи има совети за домашно производство на маски.

Кај нас во Берово пак почна акцијата за делење бесплатни заштитни маски на граѓаните во Берово. Од денеска, во текот на наредните неколку денови, вкупно 6.000 маски ќе бидат поделени на секое домаќинство во Берово и населените места.

Она што повеќе збунува од самото носење маски се некои противречности во мерките за заштита на граѓаните од корона вирусот.
Уште пред воведувањето на полициски час кај нас, беше забрането собирање на повеќе од пет лица на едно место.

За таа цел младите беа избркани од парковите и јавните места каде се собираа во поголеми групи, не е дозволено џогирање покрај Вардар или во парк, а угостителските објекти се затворени. На некои од компаниите им беше сугерирано да им овозможат на вработените да работат од дома за да нема собир на поголеми групи граѓани во затворени простории. Во супермаркетите се воспостави ред на купување при што може да влезат одреден број граѓани со оддалеченост од еден метар и половина кога чекаат на каса.

Од друга страна пак спротивно на овие ригорозни мерки имаме ситуации кога голем број граѓани сеуште одат на работа. Најголемиот број од нив го користи градскиот превоз каде ни оддалеку нема одалеченост од еден метар и половина, туку патниците се напикани еден до друг на помалку од триесетина сантиметри.

Пред банките турканици на пензионери и други граѓани, во канцелариите и фабричките сали десетици и стотици вработени на едно место.

Здравствените власти чија главна стратегија е изолацијата на населението како најпогодна мерка во борбата со вирусот мора да најдат баланс во рестриктивноста на движењето, но и на начинот на примена на мерките. Тие мора да бидат подеднакви на поширокиот јавен простор и да имаат еднаква логика на примена.

Не може еднаш да сугерираат: „седете дома и не излегувајте“ и „излезете надвор на свеж воздух и движете се“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот