Нон-пејперот на Јанша – уште еден доказ за деструктивниот ефект на Десницата врз Балканот

Словенечки премиер Јанез Јанша/Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Со оглед дека никој јавно не го видел фамозниот нон-пејпер, во него се цитира и предлог на Јанша за враќање на Груевски во Македонија што укажува на нераскинливата врска на словенечката и македонската десница, или во овој случај на синергијата на двајца осудени криминалци кои ја бранат својата позиција преку ширење на национализам и шовинизам.

Имало или немало нон-пејпер кој словенечкиот премиер Јанез Јанша го пратил до претседателот на европскиот совет Шарл Мишел се’ уште останува непознато. Изјавите околу фамозниот документ се контроверзни, самиот Јанша негира дека пропагирал менување на граници на Балканот, но експлицитно не кажува дали нон-пејперот постои или не.

Јанша дипломатски одговара дека го подржува напредокот на Северна Македонија кон Европската унија во постоечките граници и додава дека не постои официјален или неофицијален предлог за такво нешто. Контроверзи доаѓаат и од самиот европски совет, откако првично за дел од медиумите потврдија дека таков документ бил испратен до Мишел, потоа се предомислија и кажаа дека нон-пејперот не постои.

Но реакциите на бројни словенечки европратеници како што е Тања Фајон сепак покажуваат дека каде има чад има и оган. Едноставно, невозможно е да се замисли дека целата приказна е измислена без никаква потврда. Очигледно е дека Јанша испратил лани некаков документ до Мишел, а потоа двајцата заклучиле дека пораките во тоа писание ќе предизвикаат тектонски потреси на Балканот но и пошироко.

Имено предлозите за “мирна” разврска на распаѓањето на Југославија која би требало да се направи преку територијални поделби по етничка линија во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија се анахрон и проблематичен концепт по повеќе основи. Со оглед дека никој јавно не го видел фамозниот нон-пејпер, во него се цитира и предлог на Јанша за враќање на Груевски во Македонија што укажува на нераскинливата врска на словенечката и македонската десница, или во овој случај на синергијата на двајца осудени криминалци кои ја бранат својата позиција преку ширење на национализам и шовинизам. Но да го оставиме Груевски и да видиме што е спорно во предлогот за поделба на територии на балканот со цел на решавање на постоечките етнички или верски конфликти.

Можеби идејата и на релативно разумни луѓе понекогаш да им зазвучи примамливо, но сепак се работи за предлог кој во ниеден случај не би донел мир туку само бескрајна војна. Каква е таа етничка поделба на територии кои се толку етнички измешани, како би се убедило населението на некаква етничка размена среде мирнодопско време во 21 век на европскиот континент.

Зошто некој би прифатил да го напушти својот дом во кој растел, инвестирал и ги поминал наинтимните и најемотивните моменти во животот само за некоја маглива виша цел. Јасно е дека таков обид би се претворило во уште една крвава војна која би завршила идентично како и сите граѓански војни, на зелена маса, со тешки компромиси и човечки загуби кои никогаш не би се вратиле.

Втората димензија на таквиот предлог на Јанша е што се коси со целата стартегија на меѓународната заедница за менаџирање на кризите на просторите на поранешна Југославија. Предлогот за решавање на косовското прашање преку размена на територии, кој исто така дојде од десничарска констелација Трамп, Тачи, Вучиќ беше одбиен во регионот и од Европската унија.

САД и ЕУ се јасни кога зборуваат за Босна и Херцеговина, иднината на државата е трасирана преку Дејтонскиот договор и тоа не треба да се менува. Црна Гора и Македонија пак станаа и членки на НАТО, па предлогот на Јанша всушност преставува обид за растурање на две НАТО членки и создавање на невидена криза на јужното крило на алијансата.

За овој сегмент интересна е и врската Јанша, Груевски, Орбан која очигледно ја продолжува и Христијан Мицкоски која константно продуцира планови кои предизвикуваат нестабилност во НАТО, а знаеме кој има корист од таквата политика. Кога ќе ги видиме сите аргументи многу е појасно зошто небулозниот нон-пејпер сега се крие и од европската дипломатија, бидејќи истиот преставува срам за земја членка на Европската унија и на НАТО како што е Словенија, но срам е и за самата унија која примила таков документ.

Предлогот на Јанша е само уште еден доказ за деструктивното дејство на политичката десница на Балканот. Почнувајќи од Слободан Милошевиќ кој беше се само не левичар, па до победите на сите десни партии во екс југословенските држави кои всушност ја поставија сцената за крвавите војни од кои и денеска не можеме да се опоравиме.

Десницата има проблем со врежаните ментални предрасуди кон оние кои се различни од нивниот етничко-религиски видосвет, па затоа десницата секогаш сака хируршки резови и поделби а не сака ни да проба да формира држави на граѓански принцип каква што на пример се Соединетите Американски Држави која во моментов е најуспешна светска земја.

Сличен пример имаше и во земјава, па така после победата на ВМРО – ДПМНЕ во 1998 година, излезе оној фамозен предлог на академикот Ристовски за поделба на Македонија и ставање на граница на Групчин. Нетрпеливоста на десницата кон останатите, национализмот, заблудите и митовите за својот народ во принцип секогаш предизвикуваат конфликти. Историјата е непогрешив доказ за ова и се чини дека секоја земја во која агресивната десницата е на власт секогаш е на раб на некакво внатрешен или надворешен конфликт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот