Нон-пејперот може да прерасне во „лавина од мала топка снег“

Македонскиот државен врв се изјасни дека Македонија е безбедна членка на НАТО и без докази за неговото постоење не го коментира нон-пејперот на словенечниот премиер Јанез Јанша за нови балкански граници. Политичарите на Балканот и во Европа со денови толкуваат од кои кујни излегол документот и каква е неговата цел и предупредуваат дека тој ќе донесе нова балканска војна. Од Советот на амбасадори вчера порачаа дека се игра опасна игра што може да прерасне во катастрофална лавина.

Според аналитичарите, реакциите на политичарите во регионот покажале дека идејата за менување на границите е неприфатлива, иако веројатно такви скриени намери постојат.

Нема нови балкански граници без војна

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека уште не е јасно кој и зошто го пласирал овој не-документ, но неговото појавување не е случајно.

– Не е јасно дали се работи за испитување на расположението на Балканот или е конкретна намера нешто да се преземе. Не треба да има сомнежи дека такви намери има, бидејќи е очигледно дека БиХ е нефункционална држава и, ако вака продолжи, кога-тогаш ќе експлодира. Косово е сепак полесно прашање од БиХ, иако изгледа контроверзно. Ваков дефинитивен расплет на пост-Југославија ќе доведе до нови војни, како што покажуваат реакциите во регионот – вели Никовски за „Слободен печат“

Во врска со импликациите врз Македонија од еден ваков не-документ Никовски изнесе интересна теза.

– За Македонија е многу подобро северниот дел на Косово, општините околу Косовска Митровица да се вратат во Србија, која на тој начин ќе добие сатисфакција и со тоа ќе се заврши нелегалното отцепување. Формирањето на некаква заедница на српски општини во рамките на Косово, што ќе значи српска држава на Косово, неизбежно ќе води до слични комбинации и формирање на заедници и кај нас, што ќе значи федерализација на Македонија. Албанија и Косово неформално се една држава и понатаму ќе има сè повеќе потези во таа насока. Самото обединување не им одговара ниту на Тирана, ниту на Приштина. За нив е подобро да бидат одвоени ентитети на регионален и на меѓународен план, затоа што ќе бидат една држава со два гласа – вели Никовски.

Од Советот на амбасадори предупредија дека етноцентризмот, националзмот и прекројувањето на границите би довело до ново крвопролевање со несогледливи последици кон целиот регион.

– Нон-пејперот, по сѐ изгледа, сепак потекнува од пријателска Словенија и нејзиниот премиер, кои се исправени пред мајското преземање на претседателството со ЕУ. Факт е дека се ставени на хартија клучни тези во вид на крајно опасна идеја, за која како во позната филмска рашомонијада следеа разни спротивставени изјави. Советот со големо изненадување и загриженост посочува кон фактот дека дел од балканските земји, сега полноправни членки на НАТО и кандидати за членство во ЕУ, се наоѓаат на таа хартија, што проектира состојби кои не смеат и не можат да бидат решавани во изолирани европски кругови и нечии кабинети. Оттаму, Советот високо ја цени брзата реакција на Стејт департментот, што потсетува на клучните договори кои се веќе постигнати заради мир и соработка во Балканскиот Регион и коишто треба да се спроведуваат во реалноста. Нон-пејперот може да прерасне во „катастрофална лавина, што настанала од мала топка снег“ – предупредува Советот на амбасадори преку соопштение.

Какви се реакциите во регионот

Министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин за тамошните медиуми изјави дека не знае дали нон-пејперот постои, ама „ако постои, не разбира како тоа ЕУ има право да каже каде ќе живеат Србите“.

– Границите сега се непроменливи, а не беа во 1999 година. Интересно е дека е во ред да се распарчува Србија и да се одземе Косово, ама укинувањето на Република Српска не е во ред, бидејќи тоа не придонесува на мирот и стабилноста, а е неприфатлива идејата Србите да се обединат. ЕУ нè доживува како некои кукли. Моето лично мислење е дека Србите треба да живеат во една држава – рече Вулин кој смета дека Република Српска треба да остане во потполен мандат според Дејтонскиот договор.

Премиерот на Албанија, пак, Еди Рама, викендов го потврди постоењето на документот.

– Пред некое време се видов и разговарав со словенечкиот премиер. Разговараме за тоа како идеја воопшто и го видов и документот што излезе. Немам никаков коментар – рече Рама.

Српскиот радикал Воислав Шешељ деновиве порача дека Дејтонскиот договор е направен на штета на Србите, ама сега ништо не може да се промени без согласност на Русија.

– Недозволиво е кризата во БиХ да се меша со решавањето на косовското прашање. Во врска со поделбата на БиХ, ја сум за принципиелна поделба, но Република Српска мора да добие 49 отсто од територијата и излез на Јадранското Море, некои 10 километри од брегот кај Неум – рече Шешељ.

Пред неколку дена, словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави неофицијален дипломатски документ, во кој се предлага промена на границите на Балканот, односно обединување на Косово и Албанија и обединување на поголем дел на Република Српска со Србија. Националното хрватско прашање да се реши со обединување на хрватските кантони со Хрватска или со посебен статус на хрватскиот дел од Босна, според моделот на Јужен Тирол, а Босанците да го добијат остатокот од територијата како независна држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот