Нoќта кога се апсеа криминалците

Што да ви кажам, максимално возбудливо! Им влегоа дома, без најава, не им ѕвонеа на вратите, напротив, им ги скршија влезните врати со хебли, пајсери, овени, јарци и други соодветни справи и направи (фала симпатично друштвенце на Твитер, за помошта околу средствата за насилно кршење врати). Во неколку случаи малку и со нога ги поттурнаа остатоците од штиците од влезните врати, сето време викајќи –  полиција, влегуваме, полиција, рација, ама тоа чисто онака, повеќе за дополнително да ги стреснат, поточно избезумат домашните. И потоа ги видовме и домашните, како ги изнесуваат еден по еден, оти никој, ама баш никој немаше време да избега (ама немаше време ниту да се расони, а камоли пак чајче или кафенце да се напие).

И тоа беше посебна приказна. Кој како го наоѓаа. Го вадеа надвор. Главно мажи. Главно во долна облека, односно – по гаќи. Аман бе, ниту еден не спиеше во пижами, сите разгаќени, кој во бели слип (барем на снимката изгледаа бели), кој во шорцеви, а еден извадија сосема  гол, па со пиксели му ја сокрија срамотата. Немаа време да ги стават скапите дизајнирани патики или „Прада“ и „Тод“ чевли, туку излегоа по влечки и апостолки и отидоа во притвор. Ама запленетите материјали, меѓу кои и парите, полицајците ги вадеа со коли, колички и потоа во „Луј Витон“ чанти (што е тоа со оваа марка чанти и пари, да ми е да знам, се лепат некако едни на други, згодни ли се за пари носење ли, симбол на тоа дека носителот станал успешен и има пари… во чантата)

„Венетик“ на спиење

Британската национална агенција за борба против криминалот, заедно со лондонската Метрополитен полиција, ја извршија најголемата операција во поново време, при што уапсија повеќе од 750, велат врвни криминалци, запленија 54 милиони фунти – во кеш (!), два тона кокаин, 77 парчиња огнено оружје, гранати, пиштоли, пушки, калашникови и бомби, меѓу другото. Видовме на екраните како изгледа еден милион фунти на купче, па уште еден, па уште еден… и потоа „цело поле“ фунти, убаво и уредно спакувани во снопчиња. Речиси немаше полициски оддел во земјата кој не беше вклучен во операцијата наречена „Венетик“, и навистина е уште поголем успех што ги фатија криминалците не само на спиење, туку и „на спиење“, зашто операцијата се подготвувала уште од април.

„Комшиите ќе се изненадат кога ќе ги дознаат имињата на уапсените“, рече главната британска полицајка, комесарката Кресида Дик, „зашто најголемиот број се угледни, почитувани во нивните соседства и пошироко, биле пример за другите, давале во хумани цели и биле столбови на општеството“. Тие „столбови“ долго време се занимавале со организиран криминал и занимацијата ќе им траела којзнае до кога да не се случеше полицијата да им го провали „Инкроуч“ системот за комуникација преку мобилни телефони. Тој, инаку, не е ексклузивен, него го користат и филмски ѕвезди и други познати и славни кои сакаат никој да не им ги прислушкува разговорите. Во време кога секој секого прислушкува, рецептот за шкето ќе ви го украдат, а вие треба да си дадете оддишка и да кажете, на пример, дека директорот е диктатор, за потоа вашиот муабет да не биде снимен и пренесен, па се бара спас, ама скапо е и не може секој да си го дозволи – чини 1.600 фунти месечно само да се изнајми телефонот со врвна шифрирана комуникациска платформа, со седиште во Франција. Во светот постојат само 60.000 луѓе кои ги имаат овие апарати – 10.000 само во Обединетото Кралство, сите од нив, криминалци, вели тука полицијата. Значи, разговарате што разговарате и системот ги брише трагите на вашиот разговор и вашите пораки по време кое вие го задавате – паф, и сѐ оди во воздух, како да не постоело. И затоа криминалците можеа да се организираат и да „ си ја работат работата“ без никој да знае, додека полицијата не го дозна, пробивајќи им го системот, десетмина од нив се инфилтрираа, следејќи ги некое време, прибирајќи докази и потоа следеше – хебла, курбла, овен, „Луј Витон“, боксерки, бели гаќи, апостолки, притвор/затвор, обвинение и ќе гледаме и ќе слушаме сеири уште долго време за тоа како се шверцуваше дрога, оружје, автомобили, луѓе и, се надеваме, ќе видиме како ќе ги стигнува правдата оние кои досега беа недопирливи и кои им го загорчуваа животот на илјадници луѓе.

Полицијата растура

Во меѓувреме, паника во криминалните кругови, особено во Лондон, каде што велат, допрва ќе има апсења. „Полицијата растура“, „полицијата ги дочека своите пет минути“, „претстојат неволји“ – наводно биле некои од пораките кои молскавично се прошириле низ лондонското подземје, во кое следните денови, недели, а богами и месеци, никој нема мирно да спие. Полицијата вели дека е во контакт и со агенции од другите делови од Европа, зашто една од лондонските банди имала мрежа низ Европа  за шверц на дрога и оружје, која досегала и до Саудиска Арабија.

Обединетото Кралство уште нема постигнато договор со Европската Унија за брегзит, и, како што сега стојат работите, преговорите не одат баш добро. Всушност, одат лошо, и единствено што господата  Барние и Фрост успеаја (покрај тоа што ја прележаа короната, па имаат имунитет), е да се договорат да се сретнат по една недела во Лондон. Но, полициските служби очигледно одлично соработуваат, зашто за успехот на британската беа влкучени безбедносни организации од цела Европа и ова се смета за најголема операција  против група за организиран криминал. Британците и Европејците се среќаваат и јавно и тајно. И пред и за време на пандемија. И имаат резултати. Ќе кажев позитивни, ама во време на вирусот, подобро е да се каже добри. Поточно – одлични.

Прочитај повеќе

Нова реалност со замаглени очи

Жанета Скерлев

За правдината и законската мрежа, фина ко пајажина

Мирослав Грчев

Безмозочна партиска зомби пешадија

Џабир Дерала

Градската плажа Горица 3 се препороди како Лазар (Мојсов)

Агрон Биба

ДУИ не се римува со опозиција

Срѓан Ивановиќ

Старите пајташи повторно ќе јаваат заедно или уште еден пукнат балон?

Џабир Дерала

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Уште само струјата фалеше да поскапи

Весна Дамчевска

Едно општество за сите, ама за сите!

Џабир Дерала

Грешки на автопатот Кичево-Охрид

Мицкоски се извини и други приказни за мали деца

Џабир Дерала

Правната држава на отстрел

Ивица Челиковиќ

Доктор Џекил и мистер Хајд

Ненад Јовановиќ