Ноќна „Критична маса“: „На точак“ побараа мерки за ноќните ѕверки

Велосипедисти / Фото: Слободен печат

Велосипедистите велат дека треба да се создава инфраструктура што се грижи за сите учесници и ги смирува најопасните преку стеснување коловози и ленти, ослободување на тротоари, заштитни острови на крстосници, острови за преминување на секоја улица поширока од две ленти, издигнати пешачки премини, микро кружни текови, но и воведување Зона 30 на сите улици што не се булевари

Инфраструктура за посакуваното однесување во сообраќајот, семафорски систем прилагоден на потребите на најранливите, а не на заштитените во возилата, праведно квалификување на злоделата во сообраќајот.

Ова се само дел од барањата на неформалното здружение за урбан велосипедизам „На точак“, до надлежните институции, се со цел како што велат, намалување на жртвите во сообраќајот и подобрување на условите за возење доцна навечер.

Во обид да издејствуваат промени, „ На точак“ ја возеа својата 87-ма по ред Критична маса насловена „Бараме мерки за ноќните ѕверки“. Барајќи системски промени што треба да се направат за да се заштитат поранливите категории граѓани, велосипедистите возеа навечер по претходно утврдена маршрута која се возеше  низ централното градско подрачје, со повеќе кругови по главните булевари. Според „ На точак“, на локациите на кои возеа, најмногу се вози небезбедно и страдаат ранливите учесници во сообраќајот, но страдаат и жителите што се жртви и на звучното загадување предизвикано од дивото возење.

Учесниците на Критичната маса, возејќи по определената маршрута застанаа на булеварот „Кочо Рацин“ кај Црвен крст за да искажат почит кон Билаљ Љамалари, кој беше прегазен на пешачкиот премин и кратко потоа го загуби својот живот. На оваа локација беше поставен и бел велосипед (ghost bike) за, како што велат, потсетување за сите институции што можат да влијаат да се намали бројот на загинатите во сообраќајот.

Според здружението „На точак“, сите учесници во сообраќајот мора да бидат значително повнимателни. Во ноќните часови има многу понебезбеден сообраќај, се вози со големи брзини, под дејство на алкохол и се поминува на црвено светло.

– Според статистика на МВР, од почетокот на годинава на подрачјето на Скопје имало 116 сообраќајки со велосипедисти, од кои три се со смртни последици, 15 со тешки телесни повреди, во 63 сообраќајки жртвите се здобиле со телесни повреди и 35 со материјална штета. Поради ова сите што возиме точак низ градот сме научени да бидеме екстра внимателни, да ги вклучуваме сите сетила на максимум и да внимаваме доволно и за нас и за возачите на автомобилите. Како што тече денот, оваа будност станува многу поголема. Ако преку ден возиме со отворени четири очи, тогаш навечер возиме со 400 бидејќи состојбата е далеку понебезбедна – објаснуваат велосипедистите.

Според статистичките податоци на РСБСП, во изминатата 2020 година, на ниво на цела држава, 277 велосипедисти настрадале во сообраќајки. Најголем дел од нив, или 209 велосипедисти, за среќа поминале со полесни повреди, 63 поминале со тешки повреди и, за жал, петмина го загубиле животот, од кои четворица биле повозрасни.

Ако сакаме побезбедно однесување, мора да создаваме инфраструктура што се грижи за сите учесници и ги смирува најопасните преку: стеснување коловози и ленти, намалување радиуси на вртење, ослободување на тротоари, заштитни острови на крстосници, острови за преминување на секоја улица поширока од две ленти, издигнати пешачки премини, микро кружни текови, шикани, воведување велосипедски патеки и ленти, патни диети, проширување на тротоари и пешачки острови, воведување Зона 30 на сите улици кои не се булевари – бараат велосипедистите кои апелираат до надлежните да се издејствува и семафорски систем прилагоден на потребите на најранливите, а не на заштитените во возилата, потоа, укинување на слободното десно кое се сфаќа како слободно минување низ пешаци.

Градските власти, пак, велат дека во континуитет работат на подобрување на условите за користење на велосипедот како превозно средство во градот, пред сѐ преку инвестирање во вело инфраструктурата.

– Во изминативе години, Град Скопје во просек гради нови и реконструира постоечки велосипедски патеки во должина од околу 15 километри годишно, а годинава ја надминавме должината од вкупно 100 километри велосипедски патеки во Скопје. Овие неколку години посебен акцент се стави и на т.н. конектори, поточно делници на велосипедски патеки што ги поврзуваат главните рути. Покрај самите патеки, особено се внимава на нивната пристапност (пристап од рабници и тротоари да бидат соодветно спуштени), како и да бидат соодветно осветлени – велат од Град Скопје.

Оттаму истакнуваат дека поради безбедноста на сите учесници во сообраќајот тие постојано работат и на физичко одвојување на патеките, преку поставување на заштитни столпчиња, таму каде што дозволуваат условите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот