Ноемвриски магли

Одлуката на Европскиот совет ја згусна ноемвриската политичка магла во РСМ. За актуелната влада, недобивањето датум за почеток на разговори со ЕУ беше неочекувано поради нејзиното видување на вистинските македонски состојби и нереалните и преамбициозните очекувања.

Датумот требаше дефинитивно да ја депримира опозицијата, која пак гледаше во гравчиња кога самоуверено и неаргументирано тврдеше дека нè чека изненадување од Брисел кое наводно и нив ќе ги разжалости, а всушност неуспехот им беше потребен за да го скратат рокот на владеење на оваа влада. Двете концепции не се исполнија. Првата поради непотребна еуфорија на владата поради наводно позитивните сигнали, особено поради ветувањата (во политиката обично не се остваруваат), а втората поради погрешната претпоставка дека партија со толку криминален багаж може да се врати на власт по само еден мандат на сегашната власт. Актуелната власт секако имаше успеси во политичките поместувања во регулирањето на односите со соседите. Тие услови се само дел од критериумите за интеграција, и тоа оние кои сами по себе се подразбираат. Другите услови се системски и прецизно дефинирани. Макрон сака уште да ги допрецизира, наводно да го забрза процесот на интеграција, без поголеми ризици за ЕУ, а и за преостанатите кандидати за ЕУ. Во нашиот случај, не се совпаднаа картите и со приемот во НАТО, макар до крајот на ова година. Тоа би влијаело охрабрувачки за власта, а опозицијата би го зголемила арсеналот на познатите предавнички квалификации, зашто одлична прилика им пружаат предвидените парламентарни избори и, според нив, нерегуларниот Референдум за името и Преспански договор.

Власта, и по отрезнувањето во Брисел, смета дека приоритет се дипломатските офанзиви со дефанзивни играчи, посебно без оние плејмеркери. Нерешавањето на внатрешната хаотична состојба може да ескалира за време на предвремените парламентарните избори, чија кампања неофицијално е веќе почната. Заборава дека само со средувањето на домашната состојба се создаваат поволни услови за соодветна дискусија и подготовка да се реализира усвоената италијанска иницијатива за повторно разгледување на можноста за почеток на преговори со РСМ и Албанија заедно. Наместо такви активности, партиите на власт овие шест месеци ќе се концентрираат на кадровски итроштини, коалицирања, пребројувања, именување т.н. амбасадори, формирање преодна влада со непреодни едни те исти актери, не водејќи сметка за политичките профили на нивните програми, туку за актерите кои партијата можат да ја доведат на власт. Кај нас, партиите немаат идеологии или се испреплетени, односно имаат една – како да ја освојат и како да останат на власт подолг период, ако може и сто години како што посакуваше еден вмровски пратеник во првиот парламентарен состав на независна РМ.

Ако не можеме ништо за шест месеци да сработиме дома, можеме во странство. И тоа го правиме хаотично и панично. Премиерот Заев одлета во Рим, бидејќи сите патишта водат таму каде што добива поддршка. Поддршките не се проблем. Раната беше залечена, но терапијата уште трае, макар до следниот вонреден состанок на Советот за општи работи, на кој треба да се разгледува можноста за почеток на разговорите со РСМ и Албанија. Ставовите на големите сили не се менуваат често. Тие долго се подготвуваат и тешко се отстапува од кажаното.

Претседателот на РСМ беше во официјална посета (6-7 ноември) на Италија. Во делегацијата не беше министерот Димитров, што е вообичаено при вакво ниво. Ако веќе не беше во делегацијата со претседателот, Димитров требаше да престојува во Рим во работна посета со цел подготовка на посетата на претседателот. За време на официјалните посети на претседател, вообичаено е да се случи нешто значајно во односите меѓу двете држави. Што може да содржи пораката на нашиот претседател, освен повторување на нанесената ни неправда и само рутинска покана до италијанскиот претседателот Матарела да ја посети РСМ што не се одбива, односно лесно се прифаќа. Тоа не е фиксирање на терминот, туку добра намера. Во исто време, Димитров беше во Женева, на Светскиот економски форум, заедно со премиерот Заев кој секако треба да биде таму. Пред само една недела, во Рим престојуваше и премиерот Заев и имаше средба со колегата Конти од кога ја бараше првата помош за санирање на дебаклот во Брисел и враќање на шините на бриселскиот воз. Двете посети имаа иста цел. Остварени се за само една недела. Дипломатијата не познава таков редослед. Дали е тоа синхронизација на активностите или пак некохабитација? Во овој случај, од познати причини.

Претседателот Пендаровски на „Парискиот мировен форум“ ќе се сретне со претседателот Макрон. Пред можноста за средба со Макрон, нашиот претседател го нагости Помпео, државниот секретар и деновиве и Палмер, кој има долга официјална титула .Пораките беа единствено охрабрувачки. Да стануваше збор за поддршка со поголема тежина, таа би била упатена директно до претседателот Макрон од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп. САД микроскопски ја опсервираат ЕУ, па и нејзиното проширување.

Претседателот Макрон не прогнозирал дека ПСЖ ќе игра во финалето на лигата на шампионите,па да ретерира со своето мислење.Тој има предвид нова визија на Европа со метод кој на сегашните кандидати не им одговара. Поради тоа тој не може да го промени базичниот став. Тој може да ја ублажи реториката што секако ќе го стори и во средбата со нашиот претседател на форумот во Париз.И ништо повеќе. Нашето толкување ќе биде пренесено според нашите очекувања.

Се надевам дека секогаш будните советници нема да заборават да стават во потсетникот и извинување што претседателот Пендаровски не беше на закопот на поранешниот француски претседател Жак Ширак поради своите државнички обврски. Доцна е за извинување, а и за кампањско лобирање. Ние своите стратешки партнери не ги препознавме на време, а уште помалку ни е јасна нивната историска улога во регионот. Летот до Париз, сепак, е користен поради платформата (актуелни теми) и поводот поради кој лани Форумот го иницираше токму францускиот претседател Макрон. Бон војаж, претседателе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот