Ноцебо ефект: И невакцинирани чувствуваат несакани реакции од вакцината

Вакцинација против коронавирусот во Германија
Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Плацебо ефектот е фасцинантен за истражување. Тој на моќен начин ја демонстрира силата на човековата психа. Плацебо во буквален превод значи „ќе се допаднам“, но се мисли на тоа кога здравствената состојба на испитаници се подобрува, иако примиле апче без медицински состојки.

Хомеопатите го користат таквиот ефект бидејќи нивните лекови не содржат докажано лековити состојки.

Плацебо-ефектот постои и во обратна насока: т.н. ноцебо ефект. Поимот се базира на латинскиот збор „ноцере“, односно во буквален превод „ќе направам штета“. Притоа се мисли на случаите кога при наводен третман се појавуваат негативни реакции. Испитаниците на пример чувствуваат типични нуспојави на еден лек, иако воопшто не го примиле.

А, нештата некогаш се уште покомплицирани: кога пациенти реално добиваат лек, а попатно се појавува и некој плацебо или ноцебо ефект. Во одредени рамки тоа е нормална појава при секоја терапија бидејќи секој пациент има одредени очекувања. Ако смета пациентот дека ќе му се гади по примањето на одреден лек, тоа и многу почесто се случува. Секако е извонредно тешко таквиот ефект да се изрази во некоја мерна единица. Но, што е мерливо покажа тим научници од САД и Германија кои во студиите за Ковид-19 вакцини систематски бараа и најдоа примери за Ноцебо. Речиси секој трет испитаник кој воопшто не примил вакцина, се жалел на нуспојави типични за вакцината.

Метастудија за ковид-19 ноцебо

Јулија Хас и Сара Балу, експерти за плацебо на Медицинската школа Харвард во Бостон, се поврзаа со Фридерике Бендер, психолог на универзитетот во Марбург и други лекари од САД и анализираа 12 студии за вакцините со вкупно 45 380 испитаници над 16 годишна возраст, од кои 22 578 добиле плацебо. Главно „вакцината“ содржела физиолошки раствор.

Сите студии биле завршени пред 14 јули 2021. Студии во кои контролните групи добиле други вакцини или некои додатоци на вакцините кои треба да го засилат нивното дејство, однапред биле селектирани. Резултатите се објавени во журналот на Американската лекарска асоцијација.

Многу нуспојави немаат никаква врска со самата вакцина

По првата доза 35,2 проценти од плацебо контролните групи се жалеле на т.н.системски нуспојави, односно 19,3% на главоболки, а 16,7% на замор.

16% се жалеле на локални несистемски нуспојави, меѓу кои здрвена рака, отоци, болки или воспаление на местото на убодот. По втората плацебо доза 31,8% се жалеле на системски и 11,8% на локални нуспојави. Во споредба со нив, испитаниците кои навистина примиле вакцина многу почесто се жалеле на системски нуспојави по првата доза, односно 46,3%, а 66,7% пријавиле локални нуспојави. По втората доза 61,4% се жалеле на системски, а 72,8% на локални нуспојави.

Колку Ноцебо-ефект имало кај вакцинираните?

Плацебо и ноцебо ефектите се составен дел од секоја терапија, и тогаш кога пациенти добиваат вистински лекови. Со оглед на големиот број ноцебо ефекти кај вакцините, научниците се прашувале колку е силен кај лицата кои имаат примено вакцина против ковид-19 и дали може да се пресмета еден теориски удел на Ноцебо кај вакцинираните лица?

Да, тоа е можно, открија Хас, Балу и Бендер со нивните партнери и за таа цел го пресметаа уделот на Ноцебо кај невакцинираните и го пресликаа на вакцинираните лица.

Тоа доведе до восхитувачки резултати: имено дека дури и кај оние кои примиле вакцина Ноцебо ефектот доминира во пријавените нуспојави.

Кај системските нуспојави уделот на ноцебо по првата доза бил 76%, а кај локалните 24,3%. По втората доза имало благ пад на 51,8, односно 16,2%.

Резултатите укажуваат на тоа дека очекувањата на кандидатите играат голема улига во перцепцијата на можните нуспојави. Но, погрешно би било да се заклучи дека нуспојавите најчесто само си ги вообразуваме. Плацебо и ноцебо ефектот не предизвикуваат објективно мерливи симптоми. Симптомите тогаш главно се појавуваат заради нашиот психолошки став, а не од лековите. Ние како пациенти не сме свесни за тоа, но точно знаеме што чувствуваме.

Преземено од Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот