Noblesse oblige

Дегутантни, непримерни и невоспитани – токму така целокупната македонска јавност ги оцени патувањата на господата Николовски и Рашковски (слободно може да се каже, левата и десната рака на премиерот Заев) во Дубаи и во Мексико.

„Благородното потекло обврзува“. Оваа фраза на француски јазик, користена од британската аристократија, значи дека благородништвото не е само носење одредена титула, туку бара од лицето кое има таков статус да се однесува општествено одговорно. Или, со други зборови, ова морално правило значи дека со богатството, моќта, престижот и привилегиите доаѓаат и одговорностите кон заедницата. Со текот на времето, ова мото, кое првенствено се однесувало на лицата кои имале благороднички титули, се пренело генерално и на сите оние што на кој било начин биле во привилегирана положба во однос на „обичните“ граѓани, како политичарите, земјопоседниците, магнатите и сл. Од нив се очекувало да бидат пример за тоа како треба сите во општеството да се однесуваат.

Ноктето од малиот прст

За жал, Македонија е земја која во својот општествен развој има прерипано цела една епоха, па речиси од турско ропство директно влегува во социјализам. Општество во кое барем по еден од нашите баби или дедовци е роден во опинци, се уште не е дојдено до тој степен во него да се создаде слој на население кое би имало благородничко потекло и традиција, што пак само по себе бара постоење на монархија како вид општествено уредување, нешто што најверојатно никогаш и нема да се случи на овие наши простори. Иако, мора да се признае, дел од манирите на француското благородништво, до скоро, беа заштитен знак и на македонската популација, а тоа, верувале или не, е израснатото нокте на малиот прст од раката.

Имено, на дворот на Луј XIV било забрането да се чука на врата од просторијата во која се наоѓал кралот. Наместо тоа, секој што сакал да биде примен од Кралот Сонце, морал со ноктето од левата рака да гребе по вратата. Па така, благородниците со цел да го покажат својот статус, односно дека се дел од елитата која има право да гребе по вратата на приватните простории на Луј XIV, се натпреварувале во тоа кој ќе има поголемо нокте на малиот прст од левата рака. Се разбира, во недостиг на крал, во Македонија ноктето на малиот прст се користело за многу попрактични работи, како што се, на пример, чепкањето на носот или увото.

Сепак, колку и да изгледа тоа невозможно, да се обидеме ова правило да го пресликаме и на нашето поднебје. Секако дека од носителите на функции со бомбастични називи, како на пример: заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човекови ресурси или, пак, секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на владата и на стратешки проекти во канцеларијата на претседателот на Владата, се очекува да се однесуваат, пред сѐ, во рамките на општоприфатените морални норми на добро однесување, прво за да ја оправдаат довербата од граѓаните кои ги избрале, а второ, за да бидат пример за тоа како треба да се однесува еден носител на јавна функција. Од нив се очекува, кога докторите и другиот медицински персонал во државава со натчовечки сили и напори се обидува да ја држи под контрола ескалацијата на пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19, своето однесување да го сообразат со оваа тешка и кризна ситуација и да се воздржат од преземање активности кои, во најмала рака, може да се карактеризираат како дегутантни, непримерни и невоспитани.

Токму така целокупната македонска јавност ги оцени патувањата на господата Николовски и Рашковски (слободно може да се каже, левата и десната рака на премиерот Заев) во Дубаи и во Мексико. И не само што од нив не добивме ни малку каење или, пак, извинување, туку напротив, во манир на Марија Антоанета, на која кога ѝ кажале дека поданиците немаат леб да јадат, изјавила: „Тогаш нека јадат слатки“, така и господинот професор на Правниот факултет – Рашковски – изјави дека цените на хотелите во Мексико навистина биле многу ниски.

Светски стандарди

Тука не сакам воопшто ни да помислам да правам паралела со едни други изјави дадени од луѓе чии постапки го предизвикаа токму доаѓањето на функции на наведениве господа, како на пример „немаме за леб, а јадеме чоколадо“ или „цените се џабал’к“, а уште помалку за тоа како заврши Марија Антоанета, на пример. Во време кога, покрај ковид, ја живееме и економската криза, која допрва ќе го земе својот замав, дури и цените на сместувањето во Охрид и во Маврово се високи за голем дел од нашите сограѓани кои останале без работа или се наоѓаат во тешка финансиска состојба.

Но, и за ова прашање, како и за сѐ друго, развиените земји веќе нашле модалитет на кој се справуваат со овие појави. Ние, како земја со пречки во развојот, доволно е да ги примениме тие стандарди и да ги прифатиме тие решенија. Имено, кон крајот на минатата година Род Филипс, министер за финансии во регионалната влада на Онтарио (провинција на Канада) си поднел неотповиклива оставка на својата функција откако во јавноста било обелоденето дека во екот на пандемијата, со својата сопруга, бил на одмор на Карибите. По повод оставката, премиерот на Онтарио, меѓу другото, изјавил: „Во време кога граѓаните на Онтарио жртвуваа толку многу, денешнава оставка е демонстрација на тоа дека нашата влада сериозно ги сфаќа нашите обврски да се држиме до повисоките стандарди“.

Дали во текот на нашите животи ќе доживееме и некоја наша влада „сериозно да ја сфати обврската да се држи до повисоките стандарди“?

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот