НЛБ банка тврди: Сајбербезбедноста ни е врвен приоритет

Фото: Профимедиа

Континуирано инвестираме во имплементација на најновите системи и алатки за превенција и заштита, но она што е исто така важно, е сите да се однесуваме совесно бидејќи само така можеме да се заштитиме од сајбер напад, велат од НЛБ по реакциите на граѓани за напади на нивните картички

Досега НЛБ банка се соочувала со различни типови на спорови и кон секој случај се пристапува сериозно и се третира со еднаква важност , велат од Банката, откако во јавноста „испливаа“ случаи за неовластено празнење на платежни картички. „Слободен печат“ веќе пишуваше за тоа како скопјанка останала без целата плата откако и била подигната и тоа во непостојна валута „VNM“, при што продажното место било Гугл, а трансакцијата се диктирала од Сингапур. Според реакциите на социјалните мрежи, таа не била единствена.

– Во случај на пријава на неовластени трансакции од страна на корисник, банката прави иницијална проверка на доставеното барање, околностите под кои се случила трансакцијата и податоците со кои располагаме, согласно наши интерно дефинирани процедури. Понатаму, споровите врзани за картични трансакции се проследуваат и до Мастеркард/Виза, кои во согласност со своите меѓународно воспоставени процедури прават проверка на документацијата од страна на трговецот, при чие разгледување треба да се утврди дали корисникот учествувал во трансакцијата или не. Во најголем дел од случаите, од наше искуство во повеќе од 90 отсто постапката потврдува неовластено повлекување на средствата, и ние како банка ги рефундираме парите на клиентот – велат од НЛБ.

Од Народната банка за „Слободен печат“ изјавија дека во согласност со насоките од Циркуларот за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите циркуларот, периодот за одговор на поплаките од банките до клиентите е 15 дена. Но, од НЛБ банка велат дека тие не можат да влијаат врз роковите кога се во прашање картичките.

– Треба да се има предвид дека, во согласност со правилата на Мастеркард/Виза, роковите во случај на спорење се меѓународно воспоставени и, за жал, не се во надлежност на банката поради што и не можеме да влијаеме врз времетраењето на процедурите. Вообичаено се движат од 30-90 дена и мора да се почитуваат. Во разрешувањето на споровите се вклучени повеќе страни: корисникот на картичката, трговецот (ПОС-терминалот), банката на клиентот и банката на трговецот, Мастеркард/Виза – велат од банката. Но, во меѓувреме, како што веќе пишувавме, клиентите на банката, не по своја вина, остануваат без пари и тоа не само неопходни за живот, туку и за покривање на кредитите што е честа појава – односно речиси и да нема човек што нема некаков кредит.

Парите граѓаните нема да можат веднаш да си ги повратат дури и кога станува збор за очигледна измама, како што е крадење во непостојна валута.

– Како што наведовме, процедурата е стриктна, а на роковите банките не можат да влијаат, но затоа постојано работиме на подигнување на свесноста за заштита од злоупотреби и надградување на безбедносните системи. Важно е да се напомене дека со воведувањето на поопсежни системски измени за безбедност, како чип картички, 3Д кодови на интернет и слично, платежните куќи Мастеркард/Виза во последната деценија овозможија најголем дел од клиентите да бидат заштитени од злоупотреби или обесштетени. Ние како банка ги следиме тие измени во полза на сите страни – велат од банката.

Оттаму потенцираат дека за да се заштитиме од злоупотреби, потребна е дисциплина од сите чинители во процесот.

– За нас како банка и во целата групација, сајбербезбедноста е врвен приоритет. Постојано инвестираме во имплементација на најновите системи и алатки за превенција и заштита, но она што е исто така важно, е сите да се однесуваме совесно бидејќи само така можеме да се заштитиме од сајбернапади. Ги охрабруваме клиентите во случај на сомнеж за злоупотреба да се обратат до нашите надлежни служби и да ги споделат своите искуства. На овој начин заеднички ќе можеме да застанеме пред потенцијалните закани и злоупотреби и на крај да го зголемиме степенот на заштита на клиентите и нивните средства – истакнуваат од НЛБ банка.

Во однос на досегашните спорови, од НЛБ велат дека најчесто станува збор за злоупотреби, недоставен производ или услуга, двојно процесирана трансакција, двојна наплата, непроцесиран „рефунд“, платено на друг начин (со друга картичка, кеш и сл.), неисплатени средства на АТМ, откажан производ/услуга итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот