Њусом: Вакцината против ковид-19 ќе биде задолжителна за сите ученици во Калифорнија

Училиште автобус САД коронавирус ковид-19
Училиштен автобус во САД / Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Сите ученици во Калифорнија кои сакаат да посетуваат настава во државни или приватни училишта ќе мора да бидат вакцинирани, соопшти вчера гувернерот на оваа американска сојузна држава Гевин Њусом.

Одлуката се однесува на шест милиони ученици и студенти во Калифорнија, која е најнаселената држава во САД.

Оваа обврска за задолжителна вакцинација нема да стапи на сила барем до следната година, согласно распоредот на возрасните групи за кои американската агенција за лекови – ФДА целосно ќе ја одобри вакцината.

Вакцината е одобрена за лицата над 16 години, но засега не и за оние на возраст од 12 до 15 години, кај кои се инјектира само во итна пандемиска постапка. За децата под 12 години, пак, се уште не е одобрена.

– Ќе почнеме со имплементација на вакцинацијата од следниот семестар, или на 1 јануари или на 1 јули, прецизира гувернерот Њусом во соопштението од едно училиште во Сан Франциско.

– Нашите училишта веќе бараат од учениците да се вакцинираат против мали сипаници и заушки бидејќи вакцините функционираат, напиша тој на Твитер, додавајќи дека „вакцината против ковид-19 ќе биде додадена на таа листа”.

Без вакцинација, нема да може физички да се посетува настава.

Невакцинираните студенти ќе можат да ја следат наставата преку Интернет, да се запишат во специјални програми или да се школуваат од дома.

Извор: МИА

Видео на денот