Низ тревите во Ѓорче Петров шетаат стаорци големи како мачки, се жалат жителите од улиците Шидска и Борис Сарафов

Фото: Жители на улица Шидска

Стаорци големи колку мачки шетаат навечер низ тревите околу зградите во Општина Ѓорче Петров. Жителите се вознемирени и стравуваат да не им влезат и во домовите преку канализацијата, а стравуваат и од ширење зарази. Според нив, ситуацијата е алармантна, а никој ништо не презема. Како што тврдат, со години не виделе да се врши дератизација и да се ставаат мамки со отрови во шахтите.

Дека е тоа така, според нив, сведочат и „запечените“ капаци на шахтите низ тревниците околу зградите, кои не се отворени со години. Жителите од зградите на улиците Шидска број 24 и Борис Сарафов број 1, кои се пожалија во нашата редакција, очекуваат Општина Ѓорче Петров конечно да изврши дератизација додека, како што велат „не ги изеле стаорците“.

Фото: Жители на улица Шидска

 Стаорци во маалото има повеќе од две-три години. Дел од соседите ги имаат видено и преку ден, но излегуваат надвор претежно навечер. Единствената разлика од пред две- три години е што сега се поголеми, речиси колку мачки. Претходно гледавме кога поминуваа служби и во шахтите фрлаа коцки за дератизација, но одамна не се дојдени. Доказ за тоа се и шахтите кои се наоѓаат во тревнатите делови веднаш покрај зградите, тие се обраснати со трева и цвеќиња, што е знак дека не се отворени неколку години сигурно. И лебарки врие, дел од влезовите собираа пари да прскаат самите, внатре во влезовите, во подрумите и од надвор покрај зградите и под балконите – раскажуваат жители од Ѓорче Петров.

Од Општината тврдат дека дератизација се врши двапати годишно и дека последната е извршена пред два месеца.

Општина Ѓорче Петров според програмата и законските обврски, има извршено дератизација на 31.03.2023, односно истата се спроведува двапати годишно – одговараат од Општината.

Оттаму додаваат дека наредната дератизација се планира да се изврши во последниот квартал од годината, односно во септември, кога, како што велат, и законски се распишува тендер за овие потреби.

 Дератизација ќе се изврши и на новата општинска зграда којашто ќе се пушти официјално во употреба во наредниот период – најавуваат од Ѓорче.

Фото: Жители на улица Шидска

Но, од локалната самоуправа не прецизираат колку шахти биле опфатени со дератизацијата, а не одговараат ниту дали знаат за овој проблем со кој се соочуваат граѓаните, како тие да постапат во случајов и кому да му се обратат.

Нема одговор ниту за тоа дали е донесена Програмата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на Општина Ѓорче Петров за 2023 година, бидејќи меѓу јавно објавените 15-ина програми на општинскиот веб-портал за разни активности на локалната власт за оваа година, таа за дератизација ја нема. Што значи – или некој пропуштил да ја објави или не е донесена. Последната поставена Програма за оваа активност е за 2022 година, во која се наведува дека било планирано минатата година против глодари да се третираат 2.500 шахти, но не и дали тоа ќе се спроведе еднаш или двапати во годината.

Ниту меѓу вестите преку кои Општината ги информира своите жители за активностите кои се од нивни интерес, нема најава ниту соопштение за извршена дератизација кон крајот на март. Во објавите на медиумите последен пат се соопштува за дератизација во Општина Ѓорче Петров во 2018 година.

Фото: Жители на улица Шидска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот