Низ Северна Македонија „шетаат“ 20 мутации на коронавирусот

EPA-EFE
Медицински лица во Скопје / Фото: EPA-EFE / GEORGI LICOVSKI

Дваесетина мутации на коронавирусот се детектирани во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. До 11 јануари, во земјата не е откриена најзаразната британска мутација на вирусот, ама затоа има десетици други.

Во лабораторијата во МАНУ се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со Ковид-19 со цел да се утврдат соевите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста. Последните податоци се однесуваат на анализа на 50 геноми во периодот од декември 2020 до 11 јануари 2021 година.

Швајцарска мутација на вирусот во Охрид

„Од почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми, при што е утврдено присуство на 20-ина соја на вирусот. Соевите се изолирани од пациенти од различни градови од државата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај повеќе од 75 отсто од пациентите.

И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои сојот B.1.1 (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија итн) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на сојот B.1.1.70 (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти“, информираат од Министерството за здравство.

Тие појаснуваат дека зголемување кај сојот B.1.1.70 корелира со присуство на дополнителна мутација (Q677H) во -S-генот (spike протеинот) на вирусот која е првпат детектирана во јуни 2020 кај пациент со Ковид-19 од Охрид и овој варијантен сој е доминантен од ноември наваму во земјата. „Тој во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска.

И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, согласно епидемиолошките податоци за стивнување на епидемијата во земјата во последниот период, се претпоставува дека варајантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност ниту, пак, со тежината на клиничката слика на заболените“, се додава во соопштението.

Здравствените власти на состанок на Централниот кризен штаб разговараа за можните ризици од мутацијата на коронавирусот кој првпат се откри во Велика Британија, а беше забележан и во Србија. Но, освен консултации, не се дадени никакви нови препораки од Комисијата за заразни болести. „Нема некоја посебна препорака за посебни мерки или препораки за новиот случај на Ковид-19 со генетска мутација. Единствена разлика во однос на сегашниот вирус е дека ширењето е поизразено“, вели во изјава за медиумите Шабан Мехмети, директор на Институтот за јавно здравје.

Поради овој вид на коронавирус, Европа ги зајакнува рестриктивните мерки. Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија го ограничија движењето, ги затворија училиштата, угостителските објекти и јавните институции и повторно се затвораат аеродромите со цел да се спречи масовното пренесување на заразниот вирус.

Зелено светло за набавка на вакцините

Во исчекување на вакцинацијата, којашто се очекува да започне во февруари, измените на Законот за лекови и медицински помагала со кој се уредува набавката на вакцините од компанијата „Фајзер“ го помина првиот филтер во Собранието со поддршка од 60 пратеници. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за законот.

Законот ќе се носи по скратена постапка, при што прво ќе биде разгледан од собраниските комисии за здравство и законодавно-правната, по што се враќа на пленарна седница за дискусија и усвојување. Предлогот за измена на законот доаѓа од Владата, со образложение дека Собранието треба да го изгласа откако компанијата „Фајзер“ упати специфично барање за обезбедување документација потребна за набавка на вакцината против Ковид-19.

Република Северна Македонија заради заштита на населението од коронавирусот пристапи кон КОВАКС механизмот за набавка на вакцини против Ковид-19, преку кој обезбеди 833.000 дози од вакцината. Исто така, во тек се и разговори со Европската комисија за набавка на вакцините против Ковид-19, како и директни разговори со производителите на вакцини.

Кога може да се очекуваат вакцините?

Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Брисел денеска се сретнаа со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, но не добиле конкретен рок кога Македонија може да очекува вакцини од ЕУ.

Извори на МИА во Европската Комисија (ЕК) порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

Од ЕК го отфрлаат обвинувањата дека земји членки на ЕУ располагаат со повеќе дози отколку што им е потребно и тврдат дека нивните служби ги проверуваат овие наводи и тие “не се точни“. „Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува“, велат од Европската Комисија.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот