Низ Градски парк како на улица, автомобилите никој не ги запира

Фото: Принтскрин

Градските власти не можат да најдат решение за да го спречат движењето со автомобили низ вториот дел од Градскиот парк. Скопјани кои се рекреираат низ паркот, постојано се сведоци дека низ него возила поминуваат како по улица и комотно се паркираат по тревите и по патеките. Ваквото недозволено однесување, според граѓаните со кои разговаравме, е резултат на тоа што надлежните не се доволно загрижени и не вложуваат напори да го заштитат паркот од уништување од несовесните граѓани.

– Во саботата попладне шетавме низ паркот со детето. Автомобили слободно си се движат по патеките, да ти е страв да го пуштиш детето да потрча. Има ли паркот чувари, има ли инспекции, се грижи ли некој што се случува во него? Срамота е ова. Парк е во прашање. Ако не знаат како се чува парк, нека се информираат како тоа другите го прават – објаснува револтирано млада мајка и додава дека скопјани заслужуваат барем едно место во градот каде што можат да прошетаат без да се опкружени со издувни гасови од автомобилите.

Од Град Скопје велат дека возењето автомобили во Градскиот парк, освен за службени возила на јавните претпријатија, кои се грижат за неговото одржување, е забрането. На повеќе локации се поставени заштитни столпчиња и рампи за да ја спречат оваа појава.
– За жал, голем број несовесни граѓани не ги почитуваат и честа појава се недозволено кревање на рампите, оштетување на столпчињата, како и паркирање на зелените површини. Градот Скопје нема да толерира узурпирање на јавните површини и паркирање во паркот и за таа цел нашите служби, во соработка со МВР и „Градски паркинг“ често спроведуваат акции за санкционирање на несовесните возачи што паркираат во Градскиот парк и се подигнати голем број возила и се казнети повеќе лица – велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека екипите на ЈП „Градски паркинг“ и во наредниот период ќе продолжат со редовните контроли на терен, а граѓаните кои ќе забележат непрописно паркирани возила, може да пријават на телефонскиот број: 071 230-655.

Поради проблемот со паркирани автомобили во зеленилото, пролетва директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча се пофали дека е извршена замена на сите приодни рампи што биле искршени.

– На оние места каде што има помали диви премини, во соработка со ЈП „Улици и патишта“ поставивме столпчиња. Сега паркот ќе биде ослободен од автомобили, но апелираме до граѓаните да не ги уништуваат рампите и столпчињата и да го почитуваат режимот на забранет сообраќај – рече тогаш Муча.

Засега од јавното претпријатие не добивме одговор што се случува со рампите и зошто автомобилите и натаму се присутни низ паркот.

Колку за потсетување – казната за непрописно паркирање на пешачки патеки изнесува 2.500 денари, а во зеленило 3.500 денари. Сепак, тоа очигледно не е пречка за некои граѓани. Особено не кога контролите се прават „акцијашки“, а не секојдневно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот