Ниту во двор не може да се исече дрво без дозвола од Град Скопје

фото: Слободен печат

Доколку жителите на главниот град во својот сопствен двор имаат дрвја што сакаат да ги исечат, за тоа мора да побараат согласност од градските власти. Ова е исклучително важно да се знае во овој период од годината, но и во рана пролет кога најчесто се сечат дрвјата. За жал, на многумина ова правило не им е доволно познато, па во обид да си го средат дворот или, пак, да си обезбедат дополнителна количина дрво за огрев, сами се обидуваат да ги исечат дрвјата, притоа поради недоволно знаење и недоволно искуство, но и недоволна грижа за околината, да предизвикаат помала или поголема материјална штета за која подоцна сносат одредени санкции.

При ваквите сечи, неретко „страдаат“ каблите на телекомуникациските оператори, но и каблите за струја, состојба за која исто така следуваат одредени санкции.

Според познавачите, недозволиво е граѓаните самоиницијативно и на своја рака да сечат стари и високи дрвја само затоа што почувствувале потреба да го направат тоа, притоа на водејќи грижа за соседите, но и за јавните добра на кои со ваквото непромислено однесување, можат да им предизвикаат помала или поголема материјална штета. Според нив, да се исече дрво на своја рака претставува потенцијална опасност и, токму затоа, тоа треба да им биде работа на стручни лица бидејќи не секој може правилно да отстрани дрво високо и по 10 и по 20 метри без притоа да предизвика некаква штета, но и да си ја загрози својата безбедност.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека нивни екипи работат на извршување на ваквите услуги потребни за граѓаните, но само доколку сопственикот на имотот каде што треба да се сече дрво, има претходно добиено решение.

– Ги информираме граѓаните дека најнапред е потребно да достават писмено Барање за кастрење/сечење дрвја до Секторот за комунални работи на Град Скопје (барака бр. 16). Служби од градот Скопје  вршат увид на конкретната локација, по што се изготвува записник. Врз основа на фактичката состојба на терен (за конкретниот случај) се издава Решение од градот. По пристигнатото Решение за кастрење/сечење во архивата на претпријатието, нашите екипи постапуваат по него. Напоменуваме дека  без издадено Решение од град Скопје, екипите на  ЈП „Паркови и зеленило“ не вршат никакви интервенции – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Оттаму објаснуваат и дека, кога станува збор за приватен имот – двор, сопственикот мора да го поседува решението издадено од Град Скопје, но не е обврзан да ги повика нив како претпријатие за да го исечат дрвото.

Кога станува збор, пак, за дрво или неколку дрвја што треба да се отстранат, а во непосредна близина на гранките поминуваат електрични кабли или кабли од телекомуникациските оператори, од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека од нивна страна секогаш и без исклучок се алармираат надлежните институции.

– Во оние случаи каде што при интервенции на сечење или кастрење дрвја, на локацијата во близина се наоѓаат електрични или телекомуникациски кабли, навремено вршиме известување до надлежните служби ЕВН и Телеком за да се преземат  потребни активности,  со што се избегнува настанување несакани последици. Кај интервенции, каде што доколку сопственикот не сака да ги задржи исечените дрвја, во фактурираниот  износ за сечење, се внесуваат и ставките со одреден износ за утовар, изнесување и нивно транспортирање – ја објаснуваат постапката од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот