Ниту на производителите на „растително месо“ не им оди баш најдобро

Една од првите компании во светот која започна со производство на протеинско месо од растително потекло, Бијонд Мит, неодамна објави дека нејзината продажба во четвртиот квартал од минатата година паднала за околу 20 отсто. Нето-продажбата, и покрај помалата побарувачка, остана на 79,9 милиони долари.
Иако оваа загуба е помала од очекувањата на Волстрит, јасно е дека овој сектор е зафатен од слични проблеми како и другите делови од прехранбената индустрија. Компанијата најави дека побарувачката за алтернативи на месо поради кризата се уште е слаба, а како одговор на ваквата состојба на пазарот своите производи ќе ги нуди на купувачите по пониски цени. Замените за месо станаа многу популарни меѓу потрошувачите во последните неколку години, пишува Политика рс.
Секојдневно на пазарот се појавуваат нови производи поради зголемениот број на луѓе кои се откажуваат од животински протеини во исхраната. Истражувањето на Меѓународниот совет за храна покажа дека 60 отсто од Американците веќе пробале некои од овие производи, а една петтина често ги консумира. Според една од дефинициите, алтернативи за месо (производи кои наликуваат на месо по изглед, вкус и мирис) може да бидат оние кои се произведуваат најмногу од соја протеин, грашок, пченичен глутен или нивни комбинации.
Овие производи го вклучуваат и таканареченото култивирано или вештачко месо, одгледувано од клетки во лабораторија, кое моментално е во комерцијална продажба само во Сингапур.
Претходните очекувања се дека состојбата сепак ќе се развива во позитивна насока за оваа индустрија поради зголемениот интерес на купувачите и инвеститорите. Прогнозите се дека до 2029 година приходите на светскиот пазар би можеле да се удвојат и да достигнат 12,3 милијарди долари, според проценката на консултантската куќа „Фортуна бизнис“.
Сепак, традиционалните производители на месо се скептични и тврдат дека овие производи не успеваат да го имитираат вкусот на животинското месо и веројатно ќе бидат купени и конзумирани редовно само од мала група потрошувачи.