Ништо од амандманите ако не помине иницијативата за отворање на Уставот!

Фото: МИА

Доколку предлог-иницијативата не помине во Собранието, односно ако власта не го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, тогаш работната група воопшто нема да се впушти во подготовка на амандманите за промена на Преамбулата, со што завршува и мандатот на ова тело.

Пред работната група за измени на Уставот да ги разгледа – според планот тоа треба да се случи во петок – предлозите за нацрт-иницијативата за отворање на Уставот, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски веќе го „напиша“ и објави каков, според него, ќе биде амандманот за промена на Преамбулата. Од работната група за „Слободен печат“ велат дека ако не помине иницијативата за отворање на Уставот, тие нема да работат на подготовка на амандманите, односно дека тука ќе заврши нивниот мандат.

Мицкоски, повтори, по којзнае кој пат, дека неговата ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени и упати тешки, сериозни обвинувања дека власта преку уставните амандмани работи на редефинирање на Македонија и во нејзино претворање во бинационална држава на два народа. Жестоката реторика на Мицкоски политиколозите ја толкуваат како предизборен маркетинг.

Претседателката на работната група за промена на Уставот, Маргарита Цаца Николовска, за „Слободен печат“ вели дека на состанок во петок експертите и политичките претставници ќе разговараат за предлозите во врска со нацрт-иницијативата за отворање на Уставот. Таа повтори дека работната група е со одреден мандат од кој нема намера да излегува.

– Нашиот мандат е одреден преку меѓународните документи, заклучоците на Собранието, одлуката на Владата и решенијата на Министерството за правда поврзани со европскиот предлог и со Преговарачката рамка за продолжување на процесот на пристапување кон ЕУ. Што ќе содржи предлогот, јавноста наскоро ќе дознае – вели Цаца Николовска.

Доколку предлог-иницијативата не помине во Собранието, односно ако власта не го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, тогаш тука ќе сопре и работното тело за измени на Уставот. Ова значи дека работната група воопшто нема да се впушти во подготовка на амандманите за промена на Преамбулата, со што завршува и мандатот на работното тело.

Ова, пак, е спротивно од најавите на власта дека, откако експертите ќе ги објават амандманите, јавноста и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се уверат дека во нивната содржина нема ништо страшно и дека најголемата опозициска партија ќе нема аргументи да не го поддржи отворањето на Уставот и уставните амандмани.

Според информации од работната група, на утрешниот состанок ќе бидат нотирани и предлозите што претставници на партиите и експерти сметаат дека треба да одат во пакет со отворањето на Уставот со цел промена на Преамбулата за да бидат внесени Бугарите и други помали заедници. Откако работната група на последната средба го утврди Деловникот за работа, што значи дека има мандат да работи само на промена на Преамбулата, компромисното решение било другите барања, како што е тоа да се смени формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ и други предлози само да бидат внесени во записникот, но сега да не бидат во пакет со овие уставни измени.

Опозицискиот лидер Мицкоски обвини дека власта не само што работи на подготовка на уставни измени  за исполнување на бугарскиот диктат, туку работи и на редефинирање на државата.

– Една од идеите за која предупредувам е дека работат на создавање бинационална држава на два народа, неколку заедници, кои денес се споменуваат во Уставот, и постоење малцинства. По евентуално ваквата измена, ќе остане уште да се исцрта граница и да се заврши со постоењето на Македонија. Упатен сум дека тоа се идеите што се разработувале во Владата, но и од страна на партиските експерти што ги пишуваат уставните амандмани. Редефинирањето на Преамбулата на Уставот би било еден вид национално предавство на оваа Влада, кое би ја фрлило државата на колена. Предупредувам Ковачевски да не си игра играчки со уставните измени со кои ќе ја редефинира Македонија во бинационална држава. Да престане да исполнува концесии кон ДУИ, затоа што плаќа прескапа цена за власта што ја има – изјави Мицкоски и додаде дека сè уште е отворена понудата за промена на Преамбулата според хрватскиот модел, односно за дефинирање на Македонија како држава на Македонците и на малцинствата што живеат во неа.

СДСМ смета дека Мицкоски измислува нова глупост – таа за наводно редефинирање на државата – и порача ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица.

– Стар и веќе виден пристап на сеење лаги, како што беа тие за бугаризација, за асимилација, за мигранти, за кантонизација и што ли уште не. Време е за глас за Европа во македонското Собрание, а не за нови бесмислени измислици што немаат никаква врска со реалноста – вели Жаклина Лазареска, пратеничка на СДСМ.

Ранѓеловиќ: Предоцна е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се премисли

Политикологот Иво Ранѓеловиќ за „Слободен печат“ вели дека Мицкоски излегува со предизборна реторика, бидејќи е предоцна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се премисли и да даде поддршка за уставните измени.

– Предизборно заострување на реториката е во сржта на политичката култура во Македонија. Таа знаела да ветува и преместување на македонското Собрание во Солун, за оние што се сеќаваат. Во случајов, предоцна е за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се премисли и да ги поддржи уставните измени, бидејќи во тој случај нема со која агенда да излезе на избори, односно се коцка со изгледна победа. Сепак, влогот е преголем со ваква решителност да се спротивставите на уставните измени, особено доколку ВМРО-ДПМНЕ е следна партија што ќе формира влада, а потоа биде принудена да ги спроведе измените. Поуката од целава предизборна ситуација е дека Македонија единствено ќе изгуби време во поглед на евроинтегративниот процес – смета Рангеловиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот