Ништо од ајварот, ако не увеземе тегли!

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Не се трудевме да го сочуваме тоа што го имавме и затоа сме неспокојни. Долгогодишното затскривање на неспособноста, незаинтересираноста и ноншалантноста зад тезата дека „увозното е поевтино од домашното“ исплива во најлошиот момент.

Имиџот на извозник на нискодоходовни производи (суровини и лон-доработки), а во исто време увозник на скапи готови производи, што земјава го градеше последниве децении, станува сѐ поголем товар за кревката економија. Долгогодишното затскривање на неспособноста, незаинтересираноста и ноншалантноста зад тезата дека „увозното е поевтино од домашното“, исплива во најлошиот момент. Триесетина години од осамостојувањето, инаетчиски повторуваме дека капацитетите кои ги наследивме од поранешната заедничка држава, биле предимензионирани, а државата била лош домаќин, па затоа ги распарчивме и ги прогласивме за загубари. Таквата погубна политика, сега пред врата ни ја донесе најголемата енергетска криза, а сѐ помалку имаме домашна храна, медицински и фармацевтски производи, облека, суровини… Звучи иронично, ама така е – правиме ајвар, ама теглите и капаците за нив ги увезуваме!

Експертите џабе предупредуваа дека најголемиот дел од увозните производи се употребуваат за доработка во домашните погони и дека директниот увоз не влијае врз растот на домашната економска активност, освен за оние кои ја организираат дистрибуцијата (транспорт и трговија). Затоа и низ годините беше полесно да се стават пари в џеб (најдобро ако се државни) и да се распише тендер, според логиката дека „сѐ може да се купи за пари“.

И сѐ ќе течеше мазно до претходната економска, а и оваа здравствено-економска криза, кога се виде дека парите немаат голема вредност, ако на пазарот нема доволна понуда на стока. Спокојни во моментот се само државите што имаат какви-такви резерви на природен гас, нафта, јаглен, водни потенцијали, пченица или ретки минерални суровини. Малите и сиромашни држави како Македонија, кои се максимално увозно зависни, сега се на крајот на опашката на синџирот на глобалните снабдувачи. Што ќе рече, сѐ додека не се задоволат потребите на побогатите, ние ќе мораме да чекаме „трошки од трпезата“. Дали ова ве потсетува на ситуацијата во која се најдовме со набавката на вакцините против ковид-19?

Македонија нема ниту суровинска база, ниту енергенси, а се помалку има и сопствена храна. Низ годините фрливме во ветер милијарди земјоделски субвенции, а увозот на храна се зголемува. И сега, наместо жито, тутун или сончоглед на нивите ќе „сееме“ згради. До тоа дереџе дојдовме, па ќе го крепиме буџетот со продажба на земјоделското земјиште, кое ќе го пренаменуваме во градежно. Не се трудевме да го сочуваме тоа што го имавме и затоа сме неспокојни. Таква е и актуелната ситуација со набавката на енергенси, која дополнително ја разниша довербата во успешното менаџирање на сите чинители во енергетскиот сектор. Владата вели дека има пари, ама набавката на јаглен се одолговлекува и се покрива со разно-разни оправдувања за наводни евалуации и други техникалии. Зимата е на прагот, вистинските проблеми не се ни почнати.

И додека граѓаните и стопанствениците веќе покажуваат благи знаци на паника, просто е навредливо да се слушаат префрлувањата меѓу двата политички табори, кои триесетина години не мрднаа со прст.

Доволно е само да ги потсетиме дека 25 години распишуваме тендери и ги градиме Чебрен и Галиште! Доволно е само да ги потсетиме дека со малите хидроцентрали ги упропастија македонските реки за нечии хирови и мегаломански проекти за некој киловат-час струја! Доволно е да ги потсетиме дека сме сведени на прастари енергетски капацитети, чии што ремонти траат со години, а почнуваат во очи грејната сезона! Доволно е да ги потсетиме дека додека устите им беа полни со еколошки проекти, заборавија дека светот ги измисли вештачките дождови, системите за наводнување „капка по капка“, бојлерите на сончева енергија… И да знаат дека никогаш нема да им простиме што повеќе од две децении не успеаја да го донесат природниот гас и да ги приклучат домаќинствата и компаниите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот