Нимиц во Атина доби награда за мир за „Договорот од Преспа“

Придобивките од Договорот од Преспа, како за двете земји, така и за поширокиот регион, периодот на преговорите, спроведувањето и од Скопје и од Атина, ставовите на Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, но и ЕУ перспективата на земјава, беа дел од темите во фокусот на двете одделни панел дискусиите на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“.

На едната панел-дискусија учествуваа поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, а на другата медијаторот Метју Нимиц, и поранешните шефови на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Паралелно, на маргините на конференцијата, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за името Метју Нимиц, беше награден со „Преспа наградата за мир“, што му ја врачија Ципрас и Заев за неговиот придонес во решението меѓу двете земји, а генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се обрати со видеопорака.

Поранешниот премиер Зоран Заев на присутните им ја раскажа старата легенда за Преспанското езеро, приказната за заљубената девојката Преспа, коментирајќи дека наспроти легендата која е измислена, „нашиот договор е убава реалност“.

Се осврна на наградите за мир што ги добија заедно со Ципрас и номинацијата за нобелова награда.

Во однос на актуелната ситуација по промената на власта кај нас, упати пораки и до идниот премиер Христијан Мицкоски и до актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.

Нагласи дека без употреба на уставното име ќе го прекрши и Уставот на земјата и меѓународното право и го повика да покаже лидерство.

Од друга страна, за Мицотакис рече дека ако навистина го поддржува европскиот пат на Северна Македонија, за кој се бореше во минатото, тогаш да ги ратификува трите меморандуми, од кои едниот се однесува токму на ЕУ перспективата и истакна дека во суштина, во пракса се спроведуваат, но грчкиот премиер „не сака да ги стави на гласање“.

На меморандумите се осврна и Ципрас кој ја повика актуелната Влада да ги ратификува, а во однос на тоа дали самиот договор предвидува гаранции во случај да не се почитува, објасни дека самите гаранции се веќе вклучени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот