Никовски за СП: Бугарите се во хаос, Македонија треба да тргне во „офанзива“

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

Нашата дипломатија треба да влезе во „офанзива“ затоа што само така може да се дојде до решение, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски за „Слободен печат“, коментирајќи ги заострените изјави од вицепремиерите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов дека Скопје е под влијание на Москва или дека САД не можат да ја предомислат Бугарија и тоа само една недела откако Захариева повика „ајде сите да бидеме пријатели“. Запрашан дали Софија гради позиции пред САД со таквите изјави, Никовски вели:

– Бугарите се во хаос и веќе не знаат што прават и затоа постојано ни сервираат вакви будалаштини и со тоа се срамат, биле тие свесни за тоа или не. Тие заглавија со своите целосно антиевропски политики сега само подлабоко пропаѓаат. Американците веројатно им ставаат до знаење што направиле, но и нам да ни биде јасно дека САД нема да ни го решат проблемот. САД имаат многу посуштински проблеми за решавање отколку да се занимаваат со Балканот, но во крајна линија, тоа што го прави Бугарија им одговара на нивните концепти и сценарија за регионот. Се додека Македонија не тргне во „офанзива“ да бара решение за блокадата на која е изложена само ќе оди надолу и кон пораз. Нашето неразбирливо молчење е само показател за Софија дека сме подготвени за нова капитулација – вели Никовски за „Слободен печат“.

Викендов Захариева рече дека „некои од земјите кандидати за членство во ЕУ од регионот се малку усогласени со заедничката надворешна политика на ЕУ кон Русија, како резултат на влијанието на Москва врз нив и дека Македонија е една од овие земји, со исклучително низок процент, под 50 отсто на усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ“.  Министерот за евроинтеграции Никола Димитров нејзината изјава ја оцени како „скандалозна невистина која не е ниту пријателска, ниту европска“. Каракачанов, пак рече дека „Џо Бајден има право на сопствено мислење толку колку што имам јас право на сопствено мислење“, додавајчи дека „во Бугарија еден обичен бугарски граѓанин има повеќе право на мислење од кој било претседател на голема сила, па макар тоа биле и САД“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот