Николовски: Договараме и дополнително зголемување на пензиите

Илија Николовски, лидер на Партија на пензионери / Фото: Архива на Слободен печат

Како што неофицијално дознаваме, можно е и да има скалесто зголемување на пензиите, со цел оние со најниски пензии да добијат поголемо зголемување

Претседателот на партијата на пензионери Илија Николовски, во изјава за „Слободен печат“ тврди дека пензионерите може да очекуваат и дополнително зголемување на пензиите, затоа што во Законот за пензиско и инвалидско осигурување е предвидено дека „врз основа на одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија може да се изврши уште едно дополнително усогласување во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 проценти и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 проценти“.

– Ковачевски веќе покажа големо разбирање и вети голема поддршка на пензионерите. Во преговори сме и со новата министерка за труд и тие одат во насока на тоа да се донесе одлуката за зголемување на пензиите поради тоа што имаме раст на плати поголем од 5 проценти – вели Николовски.

Николовски е уверен дека согласно новата одлука што би требала да се донесе, ова зголемување ќе се однесува веќе на јануарската пензија, кога доаѓа и редовното корегирање на пензиите со инфлацијата.

– Пенизонерите може да очекуваат едно позначајно зголемување на нивните пензии – трврди Николовски.

Како што неофицијално дознаваме, можно е и да има скалесто зголемување на пензиите, со цел оние со најниски пензии да добијат поголемо зголемување.

Партијата на пензионери, веќе подолго време негодува и за моделот на усогласување на пензиите, односно бара освен индексирање со инфлацијата, при корегирањето на пензиите да се земе во предвид и растот на платите. Оттаму подготвија и измени на сегашниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување и ќе ги достават до Собранието.

– Заложбите на Партија на пензионери е просечната пензија да биде 60 проценти од просечната- нето плата, а минималната пензија до биде 70 проценти од минималната плата – вели Николовски.

Последните податоци за просечната плата во Македонија се дека таа во октомври била 29.145 денари, додека просечната пензија во тој месец била 15.868 денари, односно 54,5 проценти од просечната плата.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување денеска ги објави и податоците за декемвриските пензии. Просечната пензија била 15.867 денари, а вкупниот број на пензионери бил 328.570. Дури 27,14 проценти од пензионерите имаат помала пензија од 11.000 денари. Над 18.000 денари пензија имаат само 28,9 проценти од пензионерите.

Јануарската пензија ќе биде повисока за процентот на инфлација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот