Николоски во случајот Онишченко го вплеткува Битиќи, вицепремиерот негира

Николоски го посочи Битиќи како преговарач со Онишченко/Фото колаж: Слободен печат

По обвинувањата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на адреса на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека се обидувал да го контактира олигархот Олександр Онишченко заради економски ангажман во Македонија, од кабинетот на Битиќи, за Телма пристигна само кус коментар “тврдењата не се точни“.

Николоски вчера во интервју за 360 степени изрази сомневање дека Онишченко во Македонија не бил повикан само заради развивање на коњичкиот спорт и пласман на македонска коњичка репрезентација на Олимписките игри туку случајот е многу подлабок и побара одговорност од властите.

– Мислам дека и премиерот треба да понесе одговорност овде. Не е досега излезено во јавност, да го пласирам, постојат кредибилни информации или гласини дека еден од министрите во владата, да бидам попрецизен, потпретседател на влада – вицепремиер задолжен за економски прашања, се обидувал да исконтактира со ова лице и да прави економски аранжмани со него. Не е тоа само дека некојси што јавал на коњ, дошол во Македонија и зел државјанство за да настапува на Олимпијада, туку се работи за многу подлабок случај, рече Николоски.

Самиот Онишченко, во интервју за „Слободен печат“ вчера тврдеше дека никогаш не планирал бизнис со гас во Македонија ниту пак преговарал со политичари за таков бизнис, туку сакал да купи банка, замисла која нема да ја оствари доколку му биде одземено државјанството.

-Никаков енергетски бизнис не ме интересира. Имав некои планови да купам банка во Македонија, ама нема да купам, ако вака одат работите и понатаму. Јас сега се занимавам само со финансиски бизнис, не се занимавам веќе со енергетскиот, вели Онишченко за „Слободен печат“.

Тоа денеска по потврди и сопственикот на коњичкиот клуб Дона, Влатко Стефановски – Рамче исто така во интервју за „Слободен печат“ кој тврди дека Онишченко имал желба да купи банка и се распрашувал за тоа преку адвокати и правници, но не преговорал со никого за тоа, зошто во Скопје допатувал само трипати и се среќавал само со него.

-Јас бев цело време со него. Најодговорно тврдам дека ниту се знае со Заев, ниту го видел Заев, ниту пак јас сум разговарал со Заев, ниту сум го сретнал некогаш во животот Заев. Ниту се сретнал со функционери од партија, ниту има фирма за гас во Македонија и тоа не му беше план да го работи. Не знам од каде им дојде таа идеја. Ако сум се сретнал јас или Онишченко со Заев, зошто тогаш Онишченко две години чекаше да добие државјанство? Тоа нема смисла. На Онишченко после две години му дадоа, рече Стефановски во интервјуто за „Слободен печат“.

И самиот Онишченко за „Слободен печат“ тврдеше дека не се гледал со политичари во Македонија.

Двајца припадници на Агенцијата за национална безбедност, кои се дел од одделот за стратешка соработка, се суспендирани поради случајот со украинскиот бизнисмен Олександар Онишченко, кој добил македонско државјанство иако бил на црна листа на САД поради мешање во изборниот процес.

Нив како одговорни за доделување позитивно мислење за македонското државјанство на Онишченко ги посочи и директорот на АНБ Виктор Димовски откако ја напушти седницата на собраниската комисија за надзор на работата на АНБ и нагласи дека засега не се знаат причините поради кои го направиле тоа.

-Останува уште да утврдиме дали се работи за пропуст или се работи за намера, или се работи за некаков лукративен интерес, ништо од ова не е исклучено и мој прв интерес е тоа да го откриеме, рече Димовски пред новинарите.

Денеска премиерот Ковачевски ја повика собраниската Комисија за надзор на работата над Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за случајот „Онишченко” конечно да да заседава за овој случај, а истовремено и Министерството за внатрешни работи побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворена седница на парламентарна Комисија да биде пренесувана во живо.

Работата во собраниската комисија запна токму по откривањето дека пренос од затворената седница неовластено се појавил на ЈуТјуб, а повиканиот директор на АНБ Виктор Димовски по седницата тогаш се огради дека неговата служба има некаква врска со тоа, наведувајќи дека протекувањето е поради собраниските служби кои се надлежни за преносите во законодавниот дом.

Инаку, владата започна постапка за одземање на државјанството и пасошот на Олександр Онишченко по член 14 од Законот за државјанство, во кој што е наведено дека дал погрешни исправи или неточни информации. Онишченко поради истечениот украински пасош, за македонско државјанство аплицирал со валидниот руски пасош каде стои дека неговото лично име е Александар, а по издавањето на македонското државјанство тој во избирачкиот список е заведен како Олександр Онишченко, за што веќе пишуваше „Слободен печат“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот