Николоски: Следува пеколен период на соочување со гневот на народот

Александар Николоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Фото: Принтскрин Фејсбук

Мандатарот кажа дека претходната влада ја придвижила Македонија напред. Тоа придвижување го казнија граѓаните на последните избори. Придвижување кое значи корупција во секој сектор. Денес сме овде затоа што Зоран Заев и сѐ што значеше неговата политика е поразена, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски на собраниската седница за избор на новата влада.

– Скоро и да нема пример во Европа на вакво бегање од соочување со народот. Народот треба да каже дали се согласува или не со ваквите политики. Наместо тоа се соочивме со најголемиот срам во Македонија со киднапирање на пратеник. Наместо соочување со народот имаме киднапирање. Затоа денес имаме влада без целосен легитимитет. Клучните ресори продолжуваат да ги водат стари луѓе, тие не можат да понудат нови политики и нови визии – порача Николовски.

Според него, поради тоа деновиве има силна кавга во јавноста за веќе извесното национално предавство во односите со Бугарија.

Тој ги праша малите партии кои се дел од владината коалиција со СДСМ зошто остануваат во оваа влада.

– Одговорот е двоен. Или сте уценети или сте и вие криминализирани па немате избор. Ваквото понижување кое самите си го правите нема друго образложение. Затоа ве потикнувам на следните избори да излезете сами и да проверите како стоите пред народот – рече Николоски.

Според Николоски, излез од ситуацијата се предвремени парламентарни избори.

– Оваа влада не успеа да не убеди дека има решенија за битката со корупцијата, економската и енергетската криза и европските интеграции. Повикувам да седнеме и да ги договориме условите за брзи предвремени избори, коишто можат да се случат и во побрзи уставни рокови. Следува пеколен период на соочување со гневот на народот. Нема да ја поддржиме оваа влада и во следниот период ќе се гледаме и во институциите и на улиците за да го канализираме гневот на народот – порача Николоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот