Николоски: Реџепи исчезна како во серијата за Ескобар, а збор не кажа пред седницата

Александар Николоски
Александар Николоски во гостување на ТВ 21 / 18 ноември 2021 / Фото: Скриншот, ТВ 21

„Да не го правиме народот глупав. Добро знаат дека Реџепи исчезна поради закани“, изјави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Според него, сето ова било како сценарио од латиноамерикански филм.

– Ако продолжат со оние методи, сигурно дека Реџепи ќе го даде гласот за владечкото мнозинство. Секогаш се трудам да бидам директен. Народот е поинтелигентен. Да не го правиме народот глупав, јасно знае што се случи со Кастриот. Прво го снема и ги исклучи телефоните, па да напише статус на Фејсбук. Потоа син му заедно со лидерот на БЕСА Биљал Касами го пријавуваат во полиција. Се јавува со едно видео со бел ѕид позади, каде што чита еден целосно уплашен човек. Очигледно е дека понудата која ја добил е според онаа латиноамериканската „plata o plomo“ (сребро или оловo). Затоа што нема ниту едно образложение зошто не дојде во Собранието, и зошто изгледаше така како што изгледаше, обвини Николоски.

Тој не верува во кажувањата на Кастриот Реџепи, кој се премисли во последен момент и не дојде на гласање за рушење на Владата. Реџепи кажа дека се откажал поради тоа што некои дипломати му кажале дека земјата има шанса да добие датум за преговори во декември.

Според Николоски, до пред гласањето, пратеникот на Беса Реџепи „не кажал ниту еден збор против иницијативата за уривање на Владата“.

„Планот А, Б или Ц ако сакате, беше владата да падне. Она што мора јавноста да го знае, ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници, и за мнозинство требаше уште 17, и успеавме да обединиме толку пратеници, и тоа не е малку. Во петокот беше јасна работата имаше волја да падне владата, во саботата нашиот лидер Мицкоски кажа дека очекуваме да си го одржи зборот и му даваме можност до понеделник да ја поднесе оставката“, рече Николоски.

„Конкретниот пратеник до четврток збор не кажа против иницијативата ниту тие што беа потпишани. Имаше пратеник кој имаше забелешки, со кој успеавме да ги надминеме, и тоа е многу чесно и принципиелно ги кажа своите забелешки, најдовме заеднички јазик, човекот излезе и кажа дека ќе гласа. А, вие да молчите и да не се појавите на гласање, доволно кажува дека нема добра волја“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот