Николоски: Договорот со „Бехтел и Енка“ нема да се раскинува, претстои битка за повеќе километри за истите пари

Работници на кородорот 8/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

За автопатот Охрид – Кичево, министерот Николоски потсети дека таму има многу проблеми, кои ресорот ги детектира во моментот, но ќе се вложат сите сили тој да биде завршен до 2026 година

За Владата е најважно што ќе добие државата од Договорот за изградба на коридорите 8 и 10Д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, дециден е министерот за транспорт Александар Николоски.

– Мислам и сигурен сум дека може да добиеме повеќе километри автопат од тоа што е потпишано во Договорот, односно повеќе километри за истата финансиска рамка. Како што знаете, претходната влада на изведувачот веќе му исплати 240 милиони евра за подготвителните работи, односно буквално за ништо, бидејќи не гледаме резултати. Затоа од мене ќе биде недомаќински да го прекинам договорот, а средствата се веќе кај изведувачот. Тој може да тужи и да бара отштета, па во ветер ќе отидат можеби половина милијарда средства издвоени од џебот на македонските граѓани, а ние ќе останеме без ниту еден километар автопат. Мојата заложба е да се бориме со „Бехтел и Енка“ и да „избоксираме“ што повеќе километри автопат – објасни Николоски.

Тој додаде дека Државниот завод за ревизија веќе има извештај за досегашната работа на овој најголем инфраструктурен проект во земјава, а дали има криминал во него, ќе треба да се изјасни Обвинителството откако ќе види деталите.
Николоски ја повтори неговата заложба јавноста конечно да го види Договорот со „Бехтел и Енка“ и затоа ќе инсистира од него да биде тргнат превезот на „државна тајна“. Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 моста, 34 надвозници, 24 подвозници, повеќе од 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.

– Како што ви е познато Договорот е класифициран како „државна тајна“, што според мене, но и според законот не е добро. Најверојатно, идејата на партнерот од другата страна била да се потпише договор за да не се изнесуваат детали за конкуренцијата, но тој е обвиткан со магла. Досега имавме една средба со изведувачот и бараме договорот треба да биде јавно презентиран, со цел јавноста да види што има во него. Но, за такво нешто е потребна согласност од двете страни. Побитно е Македонија да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано, ама за истата финансиска рамка“ – објасни Николоски.

За автопатот Охрид – Кичево, Николоски потсети дека таму има многу проблеми, кои ресорот ги детектира во моментот, но ќе се вложат сите сили тој да биде завршен до 2026 година.

– Дел од проблемите се однесуваат на експропријацијата, дел се за утврдените косини, а дел се однесуваат на дислокацијата на затекнатите објекти на трасата, кои во најголем дел се бензински пумпи. Како ќе правиме, ќе правиме, ќе го оствариме ветувањето дека до 2026 година ќе имаме функционален автопат до нашиот најголем туристички центар – истакна Николоски.

Според него, во Македонија дефинитивно треба да градат домашни фирми за да се вработат повеќе наши работници и буџетските средства предвидени за инфраструктура да ни останат во државата.

– Пред нас е реализација на големи инфраструктурни проекти и заедно со ЈПДП ќе работиме и на автопатот Кичево – Букојчани, Прилеп – Градско, а тука е и железницата. Мора да изградиме најефикасна пруга на која ќе минуваат голем број товарни возови. Треба да го направиме железничкиот Коридор 10 да биде најпрофитабилен, да ни носи пари и затоа ќе се посветиме на неговиот развој – додаде Николоски, најавувајќи го неговиот личен проект за градски воз во Скопје со кој би се решил сообраќајниот хаос, но тоа ќе се актуализира по локалните избори.

Капиталните проекти не се проектираат како „некому му се сонило“

Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, смета дека наравоучението што треба да го извлечеме од легендарниот автопат Кичево – Охрид е дека проектирањето на вакви сериозни инфраструктурни проекти, заслужува поголемо внимание, подолг период на проектирање, бидејќи тие содржат многу специфични елементи.
– Овој проект има долга историја, работен е во друго време, во 1999 година, со други сфаќања и решавање, а кога денес би се проектирал, ќе се нашле други решенија. Градежништвото, земјоделството и туризмот се единствените гранки што даваат целосен производ и затоа мора да им помогнеме. Мора да вложуваме во соодветен кадар, а сега градежништвото со нив стои лошо. Лани се запишаа само 60 студенти за градежни инженери, 8 за геодетски и само двајца за геотехнички инженери – додаде Марковски.

Николоски: Една деловна банка се однесува како лихвар кон АД „Пошта“

Министерот Николоски им откри на медиумите дека една македонска деловна банка се однесувала како лихвар кон АД „Пошта“.

– Ќе ви кажам дека Македонска пошта во моментов има отворен кредит кон една банка. Не ја кажувам банката – не затоа што е некоја тајна, туку затоа што има таков потпишан договор. Тој кредит, според мене, е лихварски. Ќе седнам со раководството на „Пошта“ за да го репреговараме, бидејќи сега се уништува претпријатието – рече Николоски. Тој додаде дека „Пошта“ и „Македонски железници Транспорт“ се јавни претпријатија, кои се заглавени во големи финансиски проблеми, но од следната година очекува тоа да се стабилизира и да работат без државни интервенции, а вработените да добиваат редовно плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот