Николајчо Николов: Струја за фирмите има ама е многу скапа

Николајчо Николов

Проблем за компаниите не е да набават струја, туку да ја платат, објаснува за „Слободен печат“, Николајчо Николов доскорашен претседател на Македонската асоцијација за рударство и прв човек на рудникот за бакар „Бучим“, кој летово замина во пензија, но будно го следи пазарот на енергетика од почетокот на либерализацијата во 2007 година.

Рудникот „Бучим“ е во групата на компании кои први отидоа на отворениот пазар.

– „Бучим“ набавува струја од „ЕДС“. Ние немаме долгорочен договор, туку набавките и цените се на дневна основа. Во еден друг период тоа се покажа како добро решение, но сега тоа е многу лошо. Цената на струјата што сега ја набавуваме е 3 до 4 пати поголема во однос на лани. Таа учествува со 20 проценти во крајната цена на чинење – вели Николов.

Тој посочува дека рудниците засега успеваат некако да произведуваат со оваа цена.

– Состојбата е јасна, кој може да плати ќе работи. Но нема да биде за изненадување ако некои стопанственици се откажат од договорите за набавка на струја и сопрат со процесот – вели Николов.