Никој не работи за неделата да биде неработен ден

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Прогласувањето на неделата за неработен ден полека наликува на шпанска серија – прво беше најавено како невидено чудо дека конечно неделата ќе биде ден за одмор за сите, па потоа се дообјасни дека ќе има дејности што ќе мора да работат, што секако е така, па списокот со „мора да работат“ почна да се растегнува и излезе дека цели трговски центри ќе работат затоа што без нив не се можело во недела, па се кажа дека сето тоа ќе се случувало не оваа, туку наредната година и, на крај, целата приказна кулминираше со „мерката“ дека оние трговските центри што ќе работат во недела ќе треба да платат  2 проценти од заработувачката во тој ден за да се градат градинки во државата!?

Некој се досетил – ќе ставаме данок за недела како неработен ден. Не знам кој смисли вакво нешто, ама работава „не држи вода“. За градење градинки треба да се грижи државата. За што инаку се плаќаат даноци? Градинките се едни од најсуштествените капитални инвестиции. Трговците не треба да плаќаат за  градинките, туку да ги исплаќаат вработените. И не само тоа, туку да инвестираат во нормални услови за работа. Што значи да не го изигруваат законот и, како што се најавува, на тие што ќе работат во недела да им платат двојна дневница, да не прават „финти“ со законското работно време од 40 часа неделно, што значи дека секој час плус е прекувремена работа, да имаат доволно персонал, па да не мора еден да работи за двајца и, секако, продавачот и касиерот да имаат пауза, да им се обезбеди пристојно столче и слично.

Толку многу се измешаа работите, што очекувам и воспитувачките од градинките да одат во инспекција за да видат дали работодавачите им даваат неделна дневница на вработените. Туку да почнеме додека е време.

Во државната каса за оваа година, вкупниот износ што е наменет за довршување на веќе почната изградба на 14 градинки, како и за други нови градинки, изнесува 1,1 милион евра. Ако споредиме, за што сѐ се даваат пари, овој милион изгледа премалку, особено ако се земе предвид дека се загубија години во индиферентно однесување кон планската изградба на градинките соодветно на експанзивното градење станови низ Скопје. Ако иднината останува на младите, тогаш мора да се почне од градинките. Ако, пак, човечкиот капитал е најважен во една држава, тогаш треба да се внимава на него, па место да се крои план за данок на недела-неработен ден, да се направи нов поправеден закон за работни односи, да се вложува во инспекциски кадар, инспекторите да бидат поприсутни на терен и да контролираат во недела, да контролираат прекувремени часови, да ги надгледуваат условите за работа… Синдикатот алармира дека со работното време во празниците и во неделите, секој си прави како што сака. Механизмот за следење на работните часови – книгите со потписи или системот за картичките за отчукување на работното време се во рацете на работодавачите. Како во вакви услови да се верува дека ќе има двојна дневница за недела? Тој систем за плаќање и контрола уште сега треба да се обмисли и, како што вели Синдикатот, да се стави во закон. Ако веќе некој сака нешто да смисли, наместо да прави калкулации со данокот за градинки од неделата како (не)работен ден, еве му многу теми за размислување и средување. Па, повелете!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот