Никој не ја мерел штетноста на отровното масло увезувано од ЕУ!?

Фото: Архива

Вистинското влијание врз животната средина од согорувањето на лажниот мазут не може да биде утврдено бидејќи во земјава не се мерат емисиите на органските токсични соединенија карактеристични за согорување на вакви горива.

Допрва треба да се откријат вистинските размери на случајот во кој било увезувано и продавано опасно отпадно масло како мазут од земји на Европска Унија во земјава, а потоа било користено како енергенс во котлите за загревање во огромен број државни институции, како и во големи индустриски капацитети. Вистинското влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето на долготрајната изложеност на нус-продуктите од согорувањето на отпадното масло односно лажниот мазут не може ниту да биде утврдено бидејќи во земјава не се мерат емисиите на органските токсични соединенија карактеристични за согорување на вакви горива.

Се работи за таканаречените полициклични ароматични водороди или PAXs, за кои професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ во настапот на „Слободна ТВ“ рече дека се исклучително токсични нус-продукти на горењето на ваквите отпадни масла, кои, доколку се мерат и испитуваат, точно можат да покажат кој е изворот на загадување.

– Според сегашната пракса во земјава никој не ги мери полицикличните ароматични водороди и поради тоа не може ни да се утврдат изворите на загадувањето. Сега се мери само присуството на ПМ-честичките, сулфур диоксидот, азотните оксиди, но тоа не може да упати ниту на конкретен загадувач ниту на материјата која загадува – рече Стафилов.

Тој смета дека во Министерството за животна средина постои разбирање и желба да се подобри контролата на индустриските загадувачи, но се соочуваат со сериозен недостиг на финансирање од страна на државата, дури и за редовниот мониторинг.

Владата завчера ги задолжи сите инспекторати, Царинската Управа, како и Министерството за економија секој во својот ресор да направи детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот откако ја оцени како вонредна и итна информацијата објавена во јавноста. Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ објави дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции и во големи приватни компании во земјава. „Слободен печат“ дознава дека истрагата покажала дека и други фирми, освен „Евротим ГДС“ од Кичево, го увезувале истото отпадно масло под тарифен број за мазут и го продавале во земјава.

На прашање од „Слободен печат“ во врска со увезеното масло кое загадува, од Владата одговорија дека се свесни за сите причинители, кои во моментот загадуваат и поради ова Владата реализира долгорочни стратегии и политики за трајно решавање на проблемот.

„Од овие причини правиме забрзана гасификација низ цела земја, работиме на секундарна гасификација во моментот. Дополнително, се повеќе вложуваме во обновливи извори на енергија. Затоа термоелектраните се заменуваат со сончеви електрани и Владата прави што е можно повеќе сончеви централи и ветерници на државно земјиште“ – се вели меѓудругото во одговорот од Владата.

Во ЕУ не може да се користи, но во балканските земји може да се продава!?

 

Директивата на Европската Унија број 802 од 2016 година предвидува забрана за користење на нафтени деривати познати како поморски горива или резидуални погонски горива, во чијшто состав има повеќе од 3 проценти сулфур, поради тоа што е штетен за животната средина.

Ваквата забрана придонесе индустриските капацитети и трговците со нафтени деривати забрзано да се ослободуваат од залихите на ваквите горива, а со тоа тие завршувале на пазарите во земјите надвор од ЕУ. Во документарецот на ИРЛ, отпадното масло или лажниот мазут под  тарифен број на мазут бил увезуван од Босна, но потекнувал од Чешка.

 

ИРЛ трпи притисоци, засегнати бизнис интереси на моќници!

 

Се соочуваме со притисоци и ние и нашите извори, и за време на работењето на оваа приказна, и по нејзиното објавување – вели за „Слободен печат“ новинарката Сашка Цветковска од тимот на ИРЛ, кој ја изработи автори на сторијата под наслов „Заговор против воздухот“.

Поранешниот вице-премиер Кочо Анѓушев, кого ИРЛ го посочи како еден од инволвираните во набавката на лажниот мазут,  му се закани со тужба на медиумот.

– Бевме позагрижени за луѓето во институциите кои се одважија да помогнат да се расветли случајот отколку за нашиот тим. Кога станува збор за животната средина се засегнуваат крупни финансиски интереси на мали групи луѓе кои се добро поврзани со политиката, институциите и медиумите. Енергетскиот пазар е сè уште голем предизвик и како корупциски проблем и како проблем на правото за здрав живот – вели Цветковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот