Никогаш ЕУ, никогаш НАТО, никогаш Северна, никогаш попис… Секогаш на браникот на криминалот!

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Овие денови црната пропаганда се интензивира, а нејзиниот антизападен карактер останува очигледен. Отсекогаш бил очигледен, дури и за слепците. Да се биде дел од таа пропаганда и тоа да се правда со поинакви мотиви е, најблаго речено, наивно. Затворањето на очите пред изразито проруските политички, но и подземни дејанија со единствена цел да се сруши власта, тоа божемно „окрупнување“ на опозицијата е изговор за будали.

Или накратко: Да живее Зоран Заев! – што би рекол Димче Портпаролче на партијата Никогаш и нејзините сателити. На тоа „никогаш“ може да се додаде и „никогаш релевантни“, „никогаш со своја глава“, „никогаш разумни“ и многу други „никогаш“ кои ги слушаме со децении. Има и едно секогаш – „на браникот на криминалот“… Бурлеска. Човек да се чуди како вакви ликови може да бидат дел од политичкиот и јавниот мејнстрим на една земја.

Единствената реална политичка понуда, ако тоа може да се нарече така, е да се оспори секоја, ама баш секоја прогресивна, европска идеја, за процесите и да не говориме. Блокирање на сите обиди да се подобрат односите со соседите и земјата да излезе од изолација, изигрување на сите стратегии за интеграција на заедниците, блокирање на правдата и реформите во правосудството, национализам, дискриминација и екстремно насилство во и надвор од парламентот… Листата е долга и многупати повторена (за жал, без ефект).

Иако насловот и почетокот на овој текст се шеговити, хуморот овде е, сепак, сведоштво за едно тешко и горчливо искуство со негување на политичка култура во доминираат омразата, дискриминацијата и насилството.

ЦРНА ХРОНИКА

Омразата доведена до тотален апсурд, да не речам глупост, е главното политичко оружје на антиевропските, но истовремено и антимакедонските инсталации. Нивната голема антиевропска мешина се тови со милионските суми (во евра) од буџетот и од сите помали и поголеми славини кои обилно истураат пари во касата на овие партии, почнувајќи од најголемата националистичка, завршувајќи со сателитите кои се креираа за време на режимот на Груевски.

Никогаш, дури и кога се трудеа да изгледаат така, не сакаа да имаат ништо со Европска унија или со НАТО, освен да ги молзат парите од големата европска крава (буџетот на ЕУ), се разбира, секогаш кога за тоа им се укажуваше прилика. Сето тоа проследено со една типично паланечка ароганција што ја изградија низ годините на власта.

Сепак, ништо од тоа не е наивно. Примитивниот начин на мислење и простачките пораки се артикулираат во црна пропаганда и гнасен говор на омразата. Таа кампања потоа ја дистрибуира хипнотизирана орда од партиски послушници, помогнати со софистицирани софтвери и тренинг од антизападните центри на моќта, во и надвор од земјата.

Овие денови црната пропаганда се интензивира, а нејзиниот антизападен карактер останува очигледен. Отсекогаш бил очигледен, дури и за слепците. Да се биде дел од таа пропаганда и тоа да се правда со поинакви мотиви е, најблаго речено, наивно. Затворањето на очите пред изразито проруските политички, но и подземни дејанија со единствена цел да се сруши власта, тоа божемно „окрупнување“ на опозицијата е изговор за будали.

Кога ќе видите висок воен старешина кој тргнал во поход против својата офицерска, армиска чест, мотивот не може да биде чесен. Кога пратеник, висок партиски функционер или партиски лидер, секојдневно ја труе јавноста со дезинформации, не може да биде чесен граѓанин кој заслужува место во главните вести во медиумите. На таквите местото им е во црната хроника. Она психопатче и кускуле во интелектуална и морална смисла на зборот, жал да те фати (би било навреда ако го коментирам неговиот физички изглед), не сакам ни да го наведам како пример.

СВЕТЛИ ПРИМЕРИ

На македонската политичка сцена има одлични примери за критичкиот, воедно конструктивен став кон владините политики и практики. Професорките Колозова и Најчевска се маестрални примери за тоа. Орданоски, Хајредини, Маневски, Попоска (на Цивилмедиа, на пример)… И повеќето колумнисти кои секојдневно ги читаме и на страниците на „Слободен печат“. Исто така, интернет порталите како што се „Слободна ТВ“, „Либертас“ или „Нова ТВ“, да ми простат сите други што не ги споменувам, иако се подеднакво вредни за почит.

Или протестот кој неодамна се одржа против бавноста на институциите во справувањето со монструозната „Јавна соба“ на Телеграм. Никој не би помислил дека се работи за конзервативни „елементи“, но нивното дејствување останува критичко, освен тоа што е прогресивно и не може да се доведе во врска со безумната деструкција која ја произведуваат добро познатите медиумски, криминални и политички фабрики за лаги и омраза.

Со други зборови, јавноста е непрегледно пространство во кое може да се водат кампањи и да се застапуваат идеите, па нека се тие и конзервативни. Може да се промовираат и антивладини позиции, без да се контаминираат од криминалните инсталации и радикалните националистички и антизападни структури помогнати од Кремљ и неколку други центри. Нивна цел е контрола на јавното мислење и концентрација на моќта и парите кај малкумина, за сметка на страдањето на многумина.

Зошто постојано ја играме играта „откриј го очигледното“?

Преземено од Цивил Медиа

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот