НИКОБ ќе „лапне“ 11,6 милиони евра од ЕВН, 9 милиони повеќе од лани

Агенцијата за обезбедување „НИКОБ“ ДОО – Скопје го доби тендерот од ЕВН Македонија за Јавна набавка на услуга за обезбедување на имот, лица и патролно обезбедување на дистрибутивната мрежа на територијата на Р. Македонија.

Имено, станува збор за склучен договор на 30.06.2019 помеѓу „НИКОБ“ ДОО Скопје од една страна и ЕВН Македонија АД Скопје и Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје од друга страна. Според договорот, проценетата вредност на договорот или рамковната спогодба е во износ од 675.642.800,00 денари или вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 714.108.529,60 денари.

Во објавената Јавна набавка од страна на ЕВН Македонија АД Скопје не стои за колкав временски период станува збор. „Слободен печат“ побара одговор од компанијата за што точно станува збор и што се вклучува договор.

– ЕВН на тендерот ја одбра најоптималната понуда, што подразбира најповолна цена и технички перформанси. Спогодбата е на подолг временски период од претходните и во него се инкорпорирани услуги кои во минатото не беа опфатени во постапките. Во оваа спогодба дополнителни ставки се поширок асортиман на услуги за обезбедување (видео надзор, техничко обезбедување и мониторингот). Се работи за рамковна спогодба со планирани необврзувачки количини и вредности кои по потреба ќе се нарачуваат и плаќаат преку поединечни нарачки. Тоа значи дека сумата од спогодбата е максимална што може да се плати, а се плаќа само ако постои нарачка за одредена услуга опфатена во рамки на договорот – велат од ЕВН Македонија.

Причината зошто толку е интресен овој договор е тоа што во минатото Агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисис“ за договор со компанијата ЕВН за 5 години инкасираше преку 5 милиони евра.

Но, СГС ги обезбедуваше сите објекти на ЕВН заклучно со 31.12.2017, според шестмесечниот договор склучен во средината на 2017 година, а со одлука од јануари 2018 година обезбедувањето, не само на ЕВН Македонија, туку и на ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ, започна да ја врши „НИКОБ“.

– Комисијата на ЕВН, за најповолна ја одбрала понудата на „НИКОБ“ ДОО Скопје, со кој по завршеното преговарање, постигната е последна најниска цена од 129.975.000,00 денари, (2.120.310 евра), додека понудата „ПЕРПЕТУУМОБИЛЕ СЕКЈУРИТИ“ ДООЕЛ Скопје била второ рангирана со 132.210.000,00 денари,(2.156.770 евра), а на трето место била рангирана „СЕКЈУРИТИ ГРУП СЕРВИСИС“ со 226.750.000,00 денари (3.699.022 евра) – стоеше во тогашното соопштение од ЕВН Македонија.

Тогаш „СГС“ се сомневаше дека понудената цена на „НИКОБ“ е премногу ниска за да може да се исполни во целост предметот на набавката онака како што било побарано во тендерската документација. Во жалбата „СГС“ тврдеше дека врз основа на јавни податоци објавени од страна на Управата за јавни приходи (официјална Листа на должници на УЈП), токму „НИКОБ“ бил повеќекратно евидентиран должник во тековната 2017 година по основ на неплатени даноци кон државата, што во еден период достигнувал износ од вкупен долг по основ на данок на добивка, ДДВ и персонален данок од 47.127,512,00 денари.

За Агенцијата „СГС“ беше нејасно како „НИКОБ ДОО“ Скопје од милионски должник по основ на неплатени даночни обврски за потребите на оваа јавна набавка оддеднаш го исполнува критериумот за лична способност, во смисла на платени даноци, придонеси и други јавни давачки што било услов наведен во тендерската документација.

Поради сето ова останува прашањето, како „НИКОБ“ во 2018 година, кога го доби тендерот од ЕВН, за таа година и беше исплатено 2.120.310 евра, а за сегашниот договор ќе и бидат исплатени 11.611.520 евра, иако никаде не беше објавено дали станува збор за едногодишен или повеќегодишен договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот