Давитковски: Никаде во светот не се добива државјанство со сметки за струја и вода

Фото: Драган Митрески / Слободен Печат

Предлог – законот за државјанства на опозициската коалиција Алијанса и Алтернатива не престанува да ја бранува македонската јавност. По информациите дека во собраниска процедура ќе биде протуркан со европско знаменци, извори во владејачкото мнозинство во македонскиот блок велат, дека засега нема такви најави.

-Предлог законот до овој момент не е повлечен од собраниска процедура. Тој е на Алијансата и Алтернатива. Владата може самоиницијативно да изгласа предлог за европско знаменце, или по предлог доставен од парламентарните партии, но со потпис од надлежниот министер за законот, велат нашите извори.

Според универзитетскиот професор од областа од административното право и јавната администрација, Борче Давитковски, во Предлог законот за државјанства и поднесените амандманите стaвени се невообичаени критеруми, досега непознати за евопското законодавство за стекнување на странци со државјантво. Тој вели дека никаде во светот сметки за струја и вода се основ за добивање на државјанство.

-Какво европско знаме ќе му стават кога нема ниту една конвенција и ниту еден закон во Европа на кој компаративно ќе можат да се повикаат. Ако утре ги отвориме поглавјата, Европа ќе ни се смее. Мораме да водиме грижа и за дигнитетот на државата бидејќи ќе бидеме единствени во светот каде со сметки за струја и вода ќе се добива државјанство. Тврдам дека согласно постоечкиот Закон за државјанство може да се најде решение за луѓето за кои сега се зборува, односно за припадниците на поранешните ЈУ реупублики. Се отвора дилемата дека поради политичко пазарење се ставаат непознати услови за решавање на одредени прашања. Нашите граѓани по крвна врска добиваат државјанство. Странците, македонско држајанство треба да добијат согласно 8 – 9 услови кои се применуваат во сите европски држави, вели Давитковски.

Според Давитковиски мал е бројот на луѓето од поранешната СФРЈ кои до сега не добиле македонско државјанство, бидејќи тука не влегуваат лицата „фантоми“ или „без идентитет“, затоа што за нив има посебен закон.

-Со ваков закон, всушност се бараат државјанства за лица кои живеат во Македонија, а се по потекло од Косово. МВР треба да ги каже причините, зошто до сега тие не можеле да добијат македонско државјанство, бидејќи сигурно води постапки. Целата кампања е за да се протурка еден Законот за државјанства кој ќе претставува срам за државата, бидејќи во Европа ќе служиме за потсмев. Која е гаранцијата дека нема повторно да се јави случај, за кој некоја политичка партија ќе бара нови услови за добивање македонско државјанство. Ова е „Перпетум мобиле“, нешто што нема крај, вели Давитковски.

Двајцата пратеници на Левица Димитар Апасиев и Борислав Крмов, на Комисијата за одбрана и безбедност го блокираа Предлог – Законот за државјанства со образложение дека не може една земја, аспрант за членство во ЕУ, да носи закон кој е системски и од кој е засегнато целото општество.

Крмов за „Слободен печат“ вели, дека нема да отстапат од намерата дека треба да биде консензуално донесен, но и дека треба да има јавна расправа каде стручната јавност ќе го каже своето мислење. Најавува дека законот ќе остане блокиран, бидејќи, претставува перфиден обид, демографски инжениринг да се спакува како борба за човекови права.

-Апсолутно е недозволиво законот за државјанства да се договара зад затворени врати и да се носи под уцена на партија со само 12 пратеници, која не знае ништо друго од политика, освен за национал шовинизам. Најавите за повлекување и повторно враќање во процедура со европско знаменце, се незаконски и неуставни и ќе бидат преседан од невидени размери, кои ќе подлежат на кривична одговорност, пред се на спикерот Талат Џафери. Претседател на Собрание е должен да одбие закон кој не исполнува услови да биде пуштен во собраниска процедура со европско знаме. Овој закон ја крши европската Конвенција за државјанства и во најголем дел не се концентрира на лицата без државјанство како што тврдат Алијансата и Алтернатива, туку максимално ги олеснува условите за странци и нивните потомци до трето колено, дури и без заклетва за лојалност спрема државата. Ќе инсистираме да биде услов за формирање на идната влада чие мнозинство ќе зависи од Левици, вели Крмов.

Предлагачите на предлог законот за државјанства велат дека овој закон се однесува и на реализација на основните човекови права, и со меѓународната конвенција бидејќи врз основа на оваа конвенција не треба да има човек без државјанство.

– Ако не, нормално ќе бараме да оди постапката преку европската комисија, каде не може да се блокира бидејќи дебатата може да трае само два дена, потоа оди на пленарна седница, рече неодамна пратеникот Халил Снопче.

Според собранискиот Деловник, европско знаменце се става на закони кои треба да се усогласат со европската регулатива, но во собраниската пракса некои закони добиваат знаменце за да се спречи блокада, односно да се забрза постапката и да се ограничи времето за расправа.

Инаку со десетте амандмани поднесени од Коалицијата Алтернтива и Алијанса за предлог законот за државјанства се предлага барателот на македонско државјанство да добие секој кој ќе приложи еден 20-тина документи кои се бараат.

Меѓу нив: Извод од матичната книга на родени, доказ за завршена учебна година (сведителство, уверение или диплома), доказ за заснован работен однос со М1/М2 образец, работничка книшка, доказ за платен данок од личен доход на работниците, од вршење земјоделска дејност, од самостојно вршење на стопанска и професионална дејност, данок од надоместок од авторски права, на приходи од имот и имотни права, на наследство и подарок. Македонско државјанство ќе добие и секој барател пред државниот орган за издавање на државјанства доколку прикаже и докази за платена сметка за електрична енергија, греење, вода, телефонски услуги. Право на стекнување на државјанство ќе се земат во обзир и патна исправа (пасош) издадена од поранешна СФРЈ или РМ, лична карта издадена од поранешната СФРЈ или РМ, но и лична карта за странци, здравствена книшка, но и доколку приложат извештај, потврда, отпусно писмо или друг документ со кој се докажува извршено лекување во здравствени установи во РМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот