Ние вам Морина, вие нам – РАМПА

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Ооо Косовари. Откако станавте држава само со рампи ли ќе ја чувате. Рампа Горе, рампа Долу. Рампа за земјоделски производи, рампа за луѓе. Не знам што држава добивме во соседството. Одма е „скар“ со сите кои нешто ќе и „згрешат“. „Туѓе неќемо, своје не дамо“ – како оваа стара максима од времето на Титова Југославија да им е на врв на јазик. Така трговија не се води. Особено ако си увозно ориентирана земја. Така економски го осиромашуваш својот народ, го изолираш и го туркаш кон емиграција.

Башка, да се немало ниту малку дипломатска благодарност. Ви го испорачавме Томор Морина поранешниот член на УЧК, повторно влегувајќи во заладување на односите со Србија, а вие нам ни опнавте рампа на компири и мед!!! Не бива така комшии. Ние сме решиле да одиме во ЕУ и да ги почитуваме европските стандарди. А и вие ако сакате, а велите дека сакате, ќе мора да се адаптирате на тоа што е стандард. Не може секоја година да водиме трговски војни за се и сешто.

Имено, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година, укажаат експертите.

Еве нашиот министер за економија Крешник Бектеши оди со добра воља во Приштина па белким ќе најде „заеднички јазик“ со вашиот Ендрид Шаља. За доборото на двата народа и за доброто на земјоделците. Зашто кај нас компири произведуваат и Македонците ама и Албанците и Србите и сите други. Јер компир, је компир. У него нема нација. Сите го јадат. Има и такви, комир гледаат, а месо јадат. Некои и риба јадат. Па ако ние останеме со компирот во уста, а вие само со рибата на суво, без компири, ќе ни застане во грло. Поарно да седнеме и една свежа риба со гарнирунг од комипри да направиме.

За проблемот со царините од сто насто со Србија не сакам да зборувам. И тоа е политички артикулирана мерка за добивање статус на независност. Тоа си е ваша работа. Но кога еднаш ќе го добиете, сами со себе ли ќе си живеете?

Кај и да е ќе мора да научите да живеете со другите. Па и со оние со кои не се согласувате.

Како и ние во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот