Ние сме подобри од нив

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Ја гледав дебатата на „Канал 5“ помеѓу премиерот Заев и опозиционерот Мицкоски. И, сигурно се прашувате какви ми се впечатоците? Пред да се осврнам само на „една поинаква точка“, би сакал да го констатирам генералниот впечаток од две и полчасовната дебата: Заев беше стабилен, ангажиран, аргументиран, одговорен во зборовите, грижлив и емпатичен; Мицкоски беше збунет, безидеен, конфузен, профитерски настроен, типично за сите популисти што рибарат со човечки души за бедни политички поени.

А, сега, ќе ми дозволите да се задржам на една болна точка, која ми провејуваше во текот на дебатата – да, се работи за 14-те несреќно починати луѓе во модуларната ковид-болница во Тетово. Имено, во аргументациите, Зоран Заев ми докажуваше – а тоа е невидливо за просечен „медиумски работник“ – хероизмот не се докажува само на борбеното политичко поле, туку за решавање на здравствената криза потребно е брза реакција, обука и човечка храброст. Од друга страна, го сфаќам и тоа дека хероизмот е секаде околу нас, во срцата на голем број наши сограѓани кои чекаат само повик – како што беше со нашите здравствени работници последната страшна година и половина.

Заев го постави клучното прашање

Нивното однесување, нивната несебичност, мора да претставува предизвик за сите нас. Зоран Заев го постави клучното прашање кое, ми се чини и тоа, дека многу малку луѓе го забележаа: освен што сочувствуваме за жртвите, од нас се очекува да продолжиме натаму.

Потоа, како изминуваше дебатата, прашањата сами ми се надоврзуваа: како можеме да им дадеме признание на оние што починаа во трагедијата во Тетово? Како може да останеме верни на споменот за нив?

Кога ќе се случат вакви трагедии, во нашата човечка природа е да бараме објаснувања, да се обидеме да воведеме ред во хаосот и да му дадеме смисла на нешто кое делува бесмислено и трагично. Сведоци бевме дека расправата почна на начин на кој Мицкоски поставуваше злобни прашања, ни самиот не разбирајќи дека и тој е дел од решението што треба да воспостави некаков ред, со цел да не ни се случат повторно вакви кризи и трагедии во здравствениот систем.

Важно е, ми се чини, во моментот кога јавната расправа го поларизира општеството дополнително поради трагедијата – и кога опозицијата се обидува да ја префрли топката на другата страна, велам дека е важно да престанеме да се повредуваме едни со други. Да зборуваме на начин што лекува, а не што повредува.

Библијата ни вели дека постои зло на овој свет, и дека грозни работи се случуваат што надминуваат секакво човечко разбирање. Или да ги дефинираме зборовите: „светлост очекував, мрак ме поклопи“.

Дали доволно добро се однесуваме?

Лоши работи се случуваат и никој не може да знае што точно го генерирало непосредниот повод за оваа страшна трагедија. И добро вели премиерот Заев: „Мораме да ги испитаме сите факти што доведоа до оваа страшна трагедија“. А тоа што не смееме да правиме е да ја користиме трагедијата како уште една можност да се свртиме едни против други. Кога веќе разговараме за овие работи, ајде да го направиме тоа со голема доза смиреност, и наместо да ги вперуваме прстите едни кон други, да ја искористиме оваа можност да ги прошириме нашите морални претпоставки: да се обидеме да се слушаме со поголемо внимание, да ги изостриме своите чувства за повеќе емпатија и да се потсетиме себе на каков начин се поврзани нашите надежи и нашите соништа.

Кога некој од нас ќе изгуби близок во своето семејство – особено ако таа загуба доаѓа неочекувано – тоа нè исфрлува од нашата дневна рутина и нè присилува мислите да ги свртиме кон себе. Тогаш размислуваме за минатото. Дали сме поминале со нашите родители доволно време заедно во нивната старост. Дали сме им покажале благодарност за сè што жртвувале за нас? Дали на нашиот партнер сме му рекле, и колку пати на ден сме му кажале дека бескрајно го љубиме?

Ненадејната загуба на човек е причина да се вратиме назад во минатото – ама нè тера и на тоа да гледаме во иднината, да се замислиме над денешнината, да се запрашаме како живееме, како ги негуваме односите со оние кои сè уште се околу нас. Можеме слободно да се запрашаме дали сме посветиле доволно внимание и добродушност кон луѓето во нашите животи. Може ли да се прашаме дали доволно добро се однесуваме кон нашите деца, или кон заедницата на која ѝ припаѓаме и дали нашите приоритети добро се поставени?

Се соочуваме со сопствената смртност, тоа најдобро ни го покажа масовната пандемија, и опомената дека на овој свет не се важни богатството, ни статусот во општеството, ни моќта, ни славата – туку колку сме љубеле, и каква улога, без разлика колку таа била мала и неважна, сме одиграле во подобрување на животите на другите.

Трагедијата во Тетово мене ме научи дека можеме да бидеме подобри. Оние што се спасени во трагедијата, оние кои се спасени од пандемијата – тие ми помагаат во тоа да верувам. Ми помагаат да верувам дека можеме да бидеме подобри луѓе од тоа што сме. Можеби не можеме да го запреме секое зло, ама знам дека исклучиво од нас зависи како се однесуваме едни кон други. Верувам дека ние, покрај сите наши слабости, несовршености, исполнети сме со добрина и пристојност, и дека силите што нè раздвојуваат не се толку јаки како оние кои нè обединуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот