Ние покажавме дека сакаме во ЕУ, уште ЕУ да покаже дека нѐ сака!

Зоран Заев и Дејвид Гир
Зоран Заев и Дејвид Гир / Фото: Фејсбук, Зоран Заев

Реформите што треба да се спроведат при евроинтеграцијата и што се споменуваат во овој извештај се наменети да ѝ помогнат на земјата да воведе стандарди и практики кои граѓаните на ЕУ ги очекуваат од своите влади. Така, иако се за проширувањето, овие реформи се за граѓаните и нивниот проспертитет – рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Европската Унија треба да испорача резултати, да почнеме со тој тежок процес на преговорите за членство, а земјата да продолжи со реформите, кои се прават пред сè, за граѓаните. Европската комисија е решена да го истурка овој процес, концентрирани сме на тоа, словенечкото претседателство ја има лидерската улога и сите соработуваме со нив за да почнат преговорите до крајот на оваа година, порача вчера евроамбасадорот Дејвид Гир, кој вчера му го предаде годинашниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во реформите на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Вицепремиерот Димитров рече дека временската рамка во која очекуваме почеток на преговорите со ЕУ е до крајот на декември или на почетокот на следната година, но додаде дека е внимателен со очекувањата, па „подобро да биде изненаден од добра вест, отколку разочаран од лоша“.

– Земјата покажа цврста решеност да напредува кон ЕУ, да одржува чекор во реформите и има резултати. Треба да продолжат напорите поврзани со борбата против корупцијата, владеењето на правото и реформата на администрацијата – порача Гир.

Гир: Реформите се за граѓаните

Тој истакна дека со извештајот ЕК потврдила дека Република Северна Македонија ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство, а одложувањето на процесот има негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ.

– Реформите што треба да се спроведат при евроинтеграцијата и што се споменуваат во овој извештај се наменети да ѝ помогнат на земјата да воведе стандарди и практики кои граѓаните на ЕУ ги очекуваат од своите влади. Така, иако се за проширувањето, овие реформи се за граѓаните и за нивниот просперитет – рече Гир.

На инсистирање на новинарите да одговорат што ако и во декември не ги почнеме преговорите, дали ЕК и натаму ќе ја користи реториката дека реформите се, пред сè, за граѓаните и која е користа на Извештајот кога ЕУ не ги почитува неговите препораки, Гир рече дека пораките се јасни дека иднината на целиот Западен Балкан е во ЕУ.

–  Добро е познато каде сме сега во процесот на проширувањето. Извештајот е корисен затоа што потврдува дека Република Северна Македонија е подготвена за преговорите, а ние, Европската комисија, но и другите треба да ги засилиме напорите што е можно поскоро да почнат и вистински. Кога подготвеноста се подобрува, поблиску сте до ЕУ. Не е тоа реторика кога велиме реформите се за граѓаните. Тие навистина сакаат право, општество без корупција, чист воздух, просперитет. Ова не е реторика, туку е важно. Но, и ЕУ треба да испорача резултати, да почнеме со тој тежок процес на преговори. ЕК е решена да го истурка овој процес што поскоро. Јасно е дека има одлука да почнат и сите треба да се потрудат за тоа сега до крајот на годината, но и во иднина. Не сакам да шпекулирам што ќе правиме за година или две, сега сме концентрирани да го реализираме ова го крајот на годината. Целта останува, да се отворат што поскоро, во надеж дека ќе биде во декември и таа цел не се менува – порача Гир.

Димитров потенцира дека од 2009 година досега, со еден исклучок, секоја година добиваме позитивни извештаи, а сега е 2021 година.

– Не случајно зборот кредибилитет е толку споменуван. Влогот е огромен, не само за нас, туку и за регионот и за самата ЕУ. Кога има позитивен извештај, а нема акција, тоа влијае врз вредноста на овие извештаи. Ние сме во изборен период и тоа дали ЕУ ќе испорача или не, влијае како проевропските политики ќе бидат вреднувани од гласачите. Ние имаме мисија да ги направиме проевропските политики убедливи во очите на граѓаните, но кога земјите испорачуваат, а ЕУ не, проевропските сили потоа се соочуваат со политички предизвик. Тоа влијае на нас, влијае врз македонско-бугарското пријателство и врз политиките на целиот регион, затоа што во регионот за нашето досие ни велат ако вие не успеете, каква порака е тоа за нас? Време е за одговорност и да мислиме каде ќе биде овој регион за пет години од денес – потенцира Димитров.

Од друга страна, додаде тој, не се работи за тоа дали е реторика дека реформите се за нас, туку за тоа дека пристапниот процес нуди можности држава да ја направиме подемократска, просперитетна и со пофер услови.

– Ако денеска влеземе во членство, по сите параметри ние ќе бидеме истата земја и затоа реално процесот е поважен од крајниот исход, но, за да функционира процесот, мора сите да го исполнат ветувањето. Ние внатре затоа имаме избори, слободни медиуми и треба да видиме дали може да одиме напред и без овој процес – рече Димитров.

Рамадани: Добра шанса ако Борисов пак направи влада

Според аналитичарот Исмет Рамадани, со Извештајот се повторува оцената дека имаме умерен напредок во речиси сите области и се препорачува започнување на преговорите за членство.

– Но, познато ни е дека препораката на Европската комисија не се прифаќа во Европскиот совет каде што се лидерите на членките. Таму има сосема поинаква поставеност кон проблемот со Македонија и Бугарија. Така што, овој извештај на ЕК за нас не значи ништо освен сатисфакција дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите, затоа што нема никаква гаранција дека Европскиот совет во декември навистина и ќе донесе таква одлука. Ние треба да се свртиме кон највлијателните земји во ЕУ. Американската администрација има некои добри индикатори дека во Софија на изборите може да победи ГЕРБ на Бојко Борисов и да формира влада. Ако се случи тоа, ако има влада без радикални елементи како што беше Каракачанов, треба да го искористиме тој поволен момент. Да се надеваме дека со притисок од САД, влијание на ЕУ, со новата бугарска влада ќе се најде решение и ќе ги почнеме преговорите со ЕУ – вели Рамадани за „Слободен печат“.

Тој додава дека по самитот во Крањ имаме нова, посуштинска и посвежа порака дека иднината на регионот е во ЕУ по дамнешната дадена по самитот во Солун во 2003 година, како и заклучоци за проширувањето на Унијата.

– Конкретно, сите овие моменти нашата дипломатија треба да ги искористи – вели тој.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика вели дека без согласност од Бугарија сè е напразно, односно Европскиот совет не може да донесе одлука за преговорите. Таа додава дека сè почесто гледаме и изрази на фрустрација и нелагодност и кај самите членови на Европската комисија што нивните препораки се доведуваат во прашање.

– За нас најзначајна реченица е самото признание на ЕК дека е поткопан кредибилитетот на Унијата и тој впечаток ќе остане сè додека Македонија и Албанија не ги почнат преговорите за членство – вели Кацарска.

Заев:  Извештајот потврдува дека чекориме силно на европскиот пат

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера го предаде извештајот на Европската комисија за прогресот на Северна Македонија, кој во целост го потврдува напредокот на кој посветено работиме, напиша на Фејсбук премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека извештајот ја нагласува цврстата и одлучна имплементација на ЕУ-реформите, особено во клучните области какви што се владеење на правото, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

– Врз основа на тоа, во извештајот се препорачува итен почеток на преговори за пристап кон членство и прва меѓувладина конференција до крајот на годината за време на словенечкото претседателство. ЕК во извештајот потенцира дека реформите се континуиран и долг процес, кој не треба да биде прекинат и кој бара посветеност и од опозицијата и од другите делови на општеството. Извештајот потврдува дека чекориме силно на европскиот пат. Тоа е единствениот пат кој носи европски стандарди и подобар живот – додаде Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот