Ние пари за Илина собравме, а вие засрамете се

Фото: Слободен печат

За само една недела граѓаните на Македонија издвоија 125.000 евра, за да им дадат шанса за живот на двете деца, кои допрва ќе треба да го осознаваат животот. Ние и натаму ќе донираме пари и нема ниту едно болно „ангелче“ да го оставиме да умира по коридорите на нашите болници, а вие, мислам на сите функционери од независноста до денес, вие можете само да се засрамите.

За Илина, деветмесечно бебе, пред неколку денови беа собрани преку доброволни прилози 100.000 евра за таа да ја прими неопходната хемотерапија во една болница во Турција. Во истиот период, повторно преку доброволни прилози од граѓаните, се присобраа и 25.000 евра за двегодишната Николија, која наскоро ќе замине на операција, исто така во Турција. За само една недела, граѓаните на Македонија издвоија 125 илјади евра, за да им дадат шанса за живот на двете деца, кои допрва ќе треба да го осознаваат животот и да ги почувствуваат сите негови радости и убавини.

Навистина е хуман нашиот народ, кој досега има собирано средства за стотици деца, момчиња, девојки, мајки и татковци, на кои им била потребна лекарска грижа во странство. Третманите во странските болници по правило се многу скапи и ретко кое семејство тоа може да си го дозволи. Затоа, тука на сцена стапува хуманоста, за која можевме и неодамна да се увериме дека е длабоко вкоренета помеѓу луѓето во нашата земја.

Но, хуманоста и собирањето средства би требало да бидат исклучителни, раритетни појави. Едно бебе или дете во Македонија здравствената грижа, а така налага логиката, би требало да ја добие во својата земја. А доколку тоа е невозможно, тогаш преку Фондот за здравство би требало болните дечиња да се испраќаат по странските клиники. Сепак, тоа во практика воопшто не функционира, бидејќи нашиот здравствен систем е во колапс, многу години пред актуелната пандемија.

Во колапс е и хуманоста на државните институции, кои најчесто ги одбиваат барањата од пациентите за лекување во странство. Зошто е тоа така, јас навистина не знам. Навистина не ми е јасно зошто тоа ни се случува со години и децении и зошто никој, ама баш никој досега не се обиде тоа да го промени? Веројатно спасувањето животи на поединци, па макар тоа биле и деца, не носи доволен број политички поени или гласови на изборите? Десетина деца годишно би можеле лесно да се спасат за сума помала од милион евра. Па нека бидат и десет милиони евра и десетпати повеќе пациенти, кои боледуваат од болести за кои нашите лекари и болници не се кадарни да им помогнат.

Затоа, луѓето кога ќе се почувствуваат сами, по правило се вратат кон своите најблиски. Бараат помош од роднини, пријатели и сограѓани. Голем број од родителите воопшто не се ни обидуваат да допрат до Фондот. Брзаат да отворат сметка во банка и да добијат телефонски линии за донации од операторите. Парите се собираат во експресен рок и нивните деца се веќе во авион. Оваа постапка е добро утврдена и голем број пати испробана, па затоа многумина ќе ви се заколнат дека помалку време е потребно за да се соберат 100 илјади евра преку добротворни прилози, отколку да чекате специјалистички преглед закажан преку алатката „Мој термин“.

Јас не сум паметен човек за да ви кажам што тоа треба да се промени за да се исправат овие неправди. Во земјава има барем два милиона попаметни од мене, но сепак ќе се осмелам да кажам дека со само дел парите што досега се дадени на службени автомобили, ручеци, патувања, семинари, патни трошоци, новогодишни украсувања и премии за фудбалери, овој проблем ќе беше лесно решен.

Во меѓувреме, ние и натаму ќе донираме пари за секое дете кое треба да се лекува и нема ниту едно болно „ангелче“ да го оставиме да умира по коридорите на нашите болници, а вие, мислам на сите функционери од независноста до денес, вие можете само да се засрамите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот