Ние ја убивме младата Викторија

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Ние ја убивме, дозволувајќи да се создаде еден ваков „систем“ на функционирање. Со тоа што никогаш, реално и вистински не направивме да го промениме. Наместо обединети да функционираме и да протестираме за суштинските проблеми, ние како најголеми примитивци се поделивме.

Кога ви велам дека сме мртви уште пред да се родиме во оваа дупка од земја, државноправно заградена во 25.713 квадратни километри, не ми верувате. Или, пак, уште полошо, судбински сме предодредени да живееме во пекол, живот што може да се нарече секако, но само не живот во полноценета, вистинска смисла на зборот. И кога ви велам дека Фејсбук е само еден кокошарник-платформа на која ние хистеризирано гракаме и кокодакаме, истурајќи го нашиот гнев, бес, лутина и фрустрации, притоа не преземајќи ништо суштинско за да се сменат работите, мислите дека претерувам.

Тие што се испречија пред нашите евроинтеграции (источните соседи „браќата“), имаат една поговорка во која велат „секое чудо за три дни, кај нас да е еден“. По оваа нивна поговорка, изгледа сме „ист народ“. И кај нас секое „чудо“ трае еден ден, не се задржува ниту три. Последниот ужасен, катастрофален смртен случај со младата Викторија од Радовиш, ни ги покажува истите тенденции: хистеризирана јавност на ФБ, судско-обвинителски систем за кој уште однапред се знае дека ќе донесе казна, во најмала рака скандалозна и несоодветна за делото, како во изминатите случаи со прегазени пешаци на пешачки премин, и болен заборав на истите. Уништените семејства и уште пострашно загинатите (млади) животи, никој нема да ги врати. Во земјата на пропаста.

Хистеризирани квачки во ФБ-кокошарникот!

Кога пред седмица-две, повторно главниот град Скопје беше искачен на срамното, заслужено прво место, како најзагаден град во светот, еден близок роднина од потесното семејство, слушајќи ја веста на телевизија, само прокоментира: ако сме нормален народ, сега треба да излеземе петстотини илјади, без партиско-политички поделби пред Собрание, и да го запалиме. Кога му го пренесов овој став на еден мој близок пријател, политички активен во јавниот и политичкиот дискурс, само кусо констатираше: тоа е правилен и исправен став. Во веќе далечната 2010 година, кога за првпат отидов во Швајцарија, една од најдобрите и најсредените земји во светот во секој можен аспект на хуманото, урбаното и културното живеење, се соочив во најмала рака со културолошки шок. Ненаучен на начинот на функционирање таму (како што треба да биде и е нормално за секое едно човечко битие), бев запрепастен. Интересно, кога преминував улица на пешачки, како роден скопјанец, „нормално“ јас застанував, давајќи предност на автомобилите. Оттаму, на прилично поголема дистанца и растојание, возачот на автомобилот ме гледа дека застанувам и треба да ја поминам улицата и веќе полека подзастанува. На сите тие „примери“ братучетка ми се смееше, искрено од душа, бидејќи ѝ беше нетипична и несвојствена целата ситуација, велејќи ми дека „нема шанси, ни во лудило“ да се случи некој учесник во сообраќајот (возач) да не пропушти пешак на улица, особено на пешачки премин, единствено, ако не е некојси Балканец. Но, за чудо, со „чест на исклучоците“, и нашите Балканци таму ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите позитивно-законски норми, бидејќи знаат дека се наоѓаат во најсредената држава во која функционира ред, поредок и закон. И дека нема „врски“, односно, без разлика на вашата етничка, социјална, религиска или која било друга припадност (за партиска и не станува збор), вие ќе одговарате според законот, без разлика на сѐ.

И што да правиме сега, освен што ќе го извадиме сиот гнев на социјалните мрежи? Дали со тоа нешто ќе смениме значително во менталниот состав, начинот на битисување, функционирање и живеење во еден од балканските делови на пеколот наречен Македонија, за некои и северна напред!? Бранејќи го името, во овие триесетина години и наново идентитетот и јазикот сега во спорот со источниот сосед, ние ја загубивме државата. Во секоја смисла на зборот. Чуму ни е таа држава (територијална заедница, одржавотворена и впишана во картата на светот – ООН), кога во практика живееме во еден импровизариум, потемкиново село, во кое навидум на хартија постојат закони, правила и прописи, институции на системот, кои треба да ги спроведуваат тие правила и прописи, а во реалноста никој не ги почитува и институциите не го санкционираат тоа или даваат благи санкции, со кои се потврдува бесмисленоста на постоењето на државата.

Во неподносливата леснотија на чергарското, ахумано, примитивно и пештерско живеење во оваа земја, повеќе од половина милион граѓани трајно се иселија во западните уредени градови и држави во кои ќе можат да живеат нормален живот како секое човечко битие, во систем во кој има ред, закон, и прописи кои ги почитувате за да живеете како ЧОВЕК. Останатите, што останавме во пропаднатата дупка, секој ден се будиме и заспиваме во пеколот, слушајќи за вакви грозоморни и траорни вести и настани, кои никако да престанат да бидат последни. Сѐ до наредните. Чест и привилегија е во оваа држава да „се снајдеш“. Односно да ги заобиколиш, да не ги почитуваш законите, свесно да ги кршиш и изигруваш. Тогаш во очите на примитивците си „закон“, мангуп или човек што „се снашол“. Тие и такви ликови што ги идеализиравме низ децениите, сега прегазуваат на пешачки, во џипови купени со сомнително стекнати (криминални) пари, со его кое е качено до небо, сметајќи дека „никој ништо не им може“, т.е. дека тие се над државата. Што и да се напише е џабе. Мастило на хартија се потрошило колку сите четири океани заедно за да се алармира, да се апелира, да се критикува, да се посочи, аргументира, и пак сето тоа не вреди ни пет пари. Не знам, веќе не сум паметен, особено во  вакви трагедии, што да кажам и да напишам. Можеби е дојдено време „да ја закриеме“ (угаснеме) оваа држава, бидејќи ваква, простете, барем мене не ми треба. Или да ја му дадеме некому протекторат. Бидејќи по сѐ, докажавме и покажавме дека ниту сме способни ниту сме достојни да ја имаме и да ја управуваме.

Наша е одговорноста што дојдовме до ова дереџе!

Ние ја убивме Викторија. Дозволувајќи да се создаде еден ваков „систем“ на функционирање. Со тоа што никогаш, реално и вистински не направивме да го промениме. Наместо обединети да функционираме и да протестираме за суштинските проблеми, без разлика на етничката подвоеност, социјалната и класна раслоеност, образовните предиспозиции, ние како најголеми примитивци се поделивме во партиски табори и за секој изнуден протест одевме на улица партиски инструирани, поттикнати од нејзиното височество „партијата“, за да ги заштитуваме нејзините интереси (партиски), а со тоа и себично-личните. Во нормалниот свет, граѓаните се организираат и протестираат поради заемно споделена кауза (климатски промени, денуклеаризација, антиваксерство дури, ако сакате), но тие не се водат од инструкции од некој партиски центар на моќ за да излезат по плоштадите и улиците, туку идеолошки искрено веруваат во тоа, дури и да е погрешно според вашите диоптриски гледања на проблемот. Дали ние некогаш сме го направиле или пак ќе го направиме тоа?! Не, нормално. Затоа молчете, или врескајте на Фејсбук. До некоја следна ваква ужасна трагедија. Во која може да бидете на местото вие или, не дај боже, некој близок ваш. Кога мечката ќе заигра на вашата порта, тогаш за сѐ е доцна. Дотогаш, истурајте гнев и бес на социјалните мрежи, кој ќе помине за некој ден, а за реална акција и притисок врз институциите на системот, не ни помислувајте.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот