Ние го решивме спорот, Бугарија како сака

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Тргнуваме од почеток. Нема разговори за историјата, отсега ќе се посветиме на градежништвото. Ќе го бетонираме ставот: или ќе биде по наше или решението воопшто нема да го биде, крај. Ни утре сабајле, ни во која било догледна иднина. Ако не биде.

Дали ние, како Македонци, сме спремни за големите, сериозни искушенија во врска со нашиот опстанок пред кои ќе бидеме ставени во иднина?

Утре сабајле во македонското Скопје од бугарска Софија ќе допатува бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со бугарската министерка за бугарски надворешни работи Теодора Генчовска, со бугарскиот министер за транспорт и за бугарски врски Николај Сибев и со бугарскиот потпретседател на бугарското Народно собрание Кристијан Вигенин (сите до еден Бугари, освен Генчовска, која е Бугарка).

Претпоставувам дека додека го читате текстов Димитар Ковачевски добил дозвола легално да му биде домаќин на Петков. Но, дури и да немало доволно мнозинство пратеници кои преку ноќ гласале „за“ новата влада, тоа суштински не го менува одговорот на прашањето, дури напротив: спремни сме! Ајде, можеби не сме баш целосно и до крај – ова меѓу нас Македонците, да не слушнат душманите – ама ситуацијата е неспоредливо подобра и понадежна, отколку што беше.

Од не така дамнешното време, кога во македонско-бугарските односи официјално беше пуштен во употреба погонот за производство на мед и млеко, до сега се случија, поточно се расчистија многу нешта. Главно, ако не и единствено, на македонската страна. Прво, во Собранието, едногласно, беа испишани и прифатени нашите црвени линии од кои не смее да има отстапки во евентуалните преговори со Бугарија. Второ, не помалку важно, потписникот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, Зоран Заев веќе не е премиер, а Владо Бучковски е разрешен од функцијата специјален пратеник на Владата во спорот. Можеби најбитно: како никогаш досега изби, се излеа, на површина свеста дека односите со источниот сосед се од судбинско значење за опстанокот на македонскиот народ. Добро, и за опстанокот на неговите сегашни, па и идни највисоки државни, партиски, научни и културни функционери и дејци. Шефот на државата Стево Пендаровски, на пример, предупреди дека не треба да се брза во решавање на спорот со Бугарија за одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската Унија; новиот премиер Ковачевски гарантира дека за Владата не постои никаква дилема – „никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик“; претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев обвини за „распаѓање на Македонија по сите основи, за поробена Македонија, демакедонизирана Македонија, за тоа што ја предадоа Македонија, онака, доброволно, од ќеф, за грст долари, за нестварен сон, за илузија“; лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не ни престанал да предупредува дека се спрема национално предавство, дека кај да е ќе го изгубиме идентитетот и јазикот и да се заканува со улица; интелектуалците масовно потпишуваат петиции за поддршка на македонизмот и против размакедончувањето на Македонија итн., итн.

Тогаш од каде стравот дека овој незапирлив процес на обединување, овој нов патриотизам, дека овој етно и еднонационален цврст бедем ќе попушти и ќе се урнат надежите дека конечно сме на добар пат да ја помакедончиме Македонија и, следствено, да ги спасиме, еднаш засекогаш, нашиот идентитет, нашиот јазик и нашата историја? Па, веројатно оттаму што во Македонија, за жал, не се сите чисти Македонци, а и од тие што се, многумина не се со сите, немаат, што се вели, три чисти. Можеби со право: како да бидеш мирен, ако мислиш дека Ковачевски е пион и продолжена рака на Заев или, уште повеќе, ако Бујар Османи – кој не е ни етнички Македонец! – се уште е министер за надворешни работи, иако е обвинет дека бил спремен, по секоја цена, да успее во спорот со Бугарија?

Очигледно, не се до крај расчистени работите, но со едно нешто мора да бидеме на чисто: ние нема да го решиме спорот со Бугарија. Особено не откако целосно, до еден, ќе бидат расчистени сите преостанати сомнителни. Тие што се спремни – не само теоретски – да бараат решенија и да платат било која цена, лидери што го водат, а не што одат по народот, тие што можат да и се спротивстават на народната волја, да ја жртвуваат личната кариера во интерес на земјата… За среќа, такви нема на повидок.

Тргнуваме од почеток. Нема разговори за историјата, отсега ќе се посветиме на градежништвото. Ќе го бетонираме ставот: или ќе биде по наше или решението воопшто нема да го биде, крај. Ни утре сабајле, ни во која било догледна иднина. Ако не биде.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот