Ни возењето со автоплин не е веќе евтино како што беше

колони возила. / Фото: Архива на Слободен печат

Цената на автоплинот во Македонија се формира слободно од страна на трговците и не е во надлежност на РКЕ. Од „Макпетрол“ велат дека таа зависи од цените на светскиот пазар на пропан и бутан гасот, како и вредноста на американскиот долар во однос на денарот

Возењето со автоплин и понатаму е поевтина варијанта од бензинот, или дизелот, но граѓаните реагираат дека и ова гориво веќе не е евтино како што беше пред пандемијата. Тие велат дека сега за еден литар автоплин плаќаат по 36 денари за литар, додека пред пандемијата цената била 28 денари.

– Цената на автоплинот се зголеми за речиси 30 проценти. Од друга страна државата нуди субвенции за поставување на плински уреди, со цел поголемо користење на ова еколошко гориво. Но, за да се  стимулира што поголемо користење на автоплинот, сметам дека најдобар начин е доколку неговата цена биде регулирана, така што нема да има вакви осцилации – вели нашиот соговорник во мини анкетата што ја спроведовме на бензинските пумпи во врска со цената на горивата.

Цената на бензинот и дизел горивото се формира од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) според точно пропишана методологија. Но, цената на автоплинот се формира слободно. Се обративме во „Макпетрол“ од каде што побаравме објаснување за тоа како цената на автоплинот стигна до 36 денари.

– Во моментов, цената на автоплинот во Македонија се формира слободно од страна на трговците и не е во надлежност на РКЕ. Истата се формира согласно движењето на цените на светскиот пазар на пропан и бутан гасот, како и вредноста на американскиот долар во однос на денарот по соодветни формули за пресметување на цените при набавка (процент на бутан и процент на пропан). За добивање на крајните малопродажни цени, на набавната цена се додаваат превозот и останатите давачки кон државата (акциза, ДДВ, НДР и соодветна трговска маржа) – објаснија од „Макпетрол“.

Автоплинот или течниот нафтен гас (ТНГ) е достапен во продажната мрежа на „Макпетрол“ под името „ултра ЛПГ плус“. Но, како што тврдат од компанијата нивниот производ не е обичен ТНГ.

– „Ултра ЛПГ плус горивото од програмата на ултра горивата на „Макпетрол“ претставува идеална мешавина од пропан и бутан која за разлика од обичното ТНГ кое се нуди на македонскиот пазар како авто-ТНГ овозможува зголемен октански број и идеално подесен напон на пареи за овој вид на гориво. Ова овозможува задржување на проектираните перформанси на возилото во однос на моќноста,  стартноста и потрошувачката на гориво. На тоа се надоврзуваат уште цела низа предности, почнувајќи од
зачувување на животната средина преку намалување на штетни емисии при согорувањето во моторот, одржување на чистотата и техничката беспрекорност на моторот, па сé до продолжување на векот на моторот и системот за третман на издувните гасови на возилото –велат од компанијата.

Денес, Регулаторната комисија за енергетика ќе ги објави новите цени на бензините и на дизелот, кои ќе важат од полноќ. Последните, што важат и денеска се 72 денари за „еуросупер БС-95“, 74 денари за “еуросупер БС-98“ и 62,5 денари за дизелот. Цените се значително зголемени од пред пандемијата.

Последните цени пред 12 март беа: 62 денари за „еуросупер БС-95“, 64 денари за „еуросупер БС-98“ и 54,5 денари за дизелот (цени формирани на 9 март 2020 година).

Во однос на цените на нафтените деривати граѓаните се револтирани што државата ги зголемува давачките и придонесува за зголемување на нивната цена.

-Сосема без оправдување беше во сред пандемија да се каже дека цената е ниска и затоа да се стави дополнителна акциза која првично беше 3 денари, но со можност и да ја нема ако цените на горивата се зголемија. Е сега, бидејќи се зголемија цените на светските пазари, место таа дополнителна акциза се смисли еколошката такса од 3,1 денари за бензинот и 3,5 денари за дизелот – револтирано вели нашиот
соговорник.

Измените на законот за заштита на животна средина со која треба да се воведат новите еколошки такси, не стигна на дневен ред пред пратениците пред тие да заминат на одмор. Во Предлог – измените на Законот, пак, пишува дека тој ќе важи од први јули, и оваа одредба, очигледно, ќе мора да се измени.

Во однос на идните движења на цените на нафтените деривати, според прогнозите на Народна банка, тие ќе растат.

„Во најновите оцени за цената на нафтата е извршена нагорна ревизија во споредба со априлската проекција, при што тековно се предвидува значително поголем ценовен раст во 2021 година и мал раст, наместо пад, во 2022 година. Ваквата ревизија во најголема мера е одраз на постојниот договор на земјите од ОПЕК+ за ограничување на производството на нафта и намаленото ниво на нафтени залихи, особено во САД, при поповолни видувања за економското закрепнување на светско ниво и оцени за засилен раст на глобалната побарувачка на нафта“, пишува во поселедниот месечен (јулски) извештај на Народната банка.

Видео на денот