Ни Урсула ќе нè брани, ни Вархељи ќе нè храни

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Срдечни, неоптоварени, па дури и невообичаено пријатни се средбите на македонските политичари со претставниците на ЕК, без разлика по кој повод се одржуваат или во каков контекст се организираат

Европската Унија (ЕУ) ја сака Македонија во своето семејство, порача претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, при нејзината последна посета во Скопје.

Тоа што Фон дер Лајен го кажа во вторникот, исто го повтори и комесарот на проширување на ЕУ Оливер Вархељи ден подоцна. Истото го говореше и Федерика Могерини на времето, како и Јоханес Хан, претходниците на современите челници на ЕК.

Срдечни, неоптоварени, па дури и невообичаено пријатни се средбите на македонските политичари со претставниците на ЕК, без разлика по кој повод се одржуваат или во каков контекст се организираат. Со бриселската администрација немаше големи проблеми ниту Никола Груевски, кој не виде многу мака од зачестените посети на Хан, во времето кога пукаа „бомбите“ и кога на виделина се појави целата накарадност на неговото владеење и одвратноста на системот што тој го креираше. Не, ситуацијата по Груевски стана опасна дури откако во процесот на примопредавање на власта се вклучи американска дипломатија, олицетворена во ликот и делото на Хојт Ли, кого во ходниците на Стејт департментот колегите го викаат Брус Ли.

Во времето кога Македонија минуваше низ мошне болниот процес од завршните преговори со Грција, кои беа крунисани со Преспанскиот договор, новиот државен врв на чело со премиерот Зоран Заев доби цврсти гаранции од ЕК дека земјата ја очекува постапка за забрзано членство во ЕУ, само доколку се режи деценискиот спор со јужниот сосед.

Спорот се реши, Македонија стана Северна, но на ниту еден Совет на министри на ЕУ, од 2018 до сега, земјава не доби датум со кој ќе отпочнат преговорите за полноправно членство на Македонија.

Последната епизода на македонско-комисиските односи уште повеќе го открива незаинтересираниот однос на бриселската администрација кон нашата држава. Уште додека Урсула му се заблагодаруваше на Заев на свечениот пречек пред зградата на Владата на СР Македонија, со комплиментот дека „куќата му е преубава“, агенцијата Ројтерс објави доверлив документ од ЕУ со кој се тврди дека на земјите од Западен Балкан повеќе не им е загарантирано членство во Унијата. Ден подоцна беше објавена и информацијата дека дел од земјите членки на ЕУ, размислуваат за укинување на безвизниот режим со земјите од регионот, што Западниот Балкан несомнено ќе го врати во позиција од пред една деценија и дополнително ќе го оддалечи од посакуваната интеграција.

Европската Унија има свои егзистенцијални проблеми, чие решение може, но и не мора да ни се допадне, а уште помалку да биде во прилог на децениските заложби на Македонија за евроинтеграција. За жал, премногу шанси и возови се испуштени, за да сега се надеваме дека брзото решавање на спорот со Бугарија ќе нè врати на европскиот колосек. Проблемот е повеќе во Брисел, одошто во Скопје, па затоа и односите ќе останат љубезни, пријателски, но во исто време и премногу јалови за да биде постигнат вистински напредок.

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски неодамна разочарано констатираше дека безбедносните и економските интеграции не можат да бидат замена за генерално лошата состојба во која се наоѓа земјава. Тој посочи дека „ни НАТО ќе нè брани, ни ЕУ ќе нè храни“, советувајќи ја актуелната власт да работи на јакнење на сопствените институции.

Ова е можеби најдобриот одговор на мантрата „ЕУ нема алтернатива“, бидејќи алтернативата е Македонија, која веќе 30 години егзистира, напредува и ѝ пркоси на логиката.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот