Ни требаат развојни зони и за работна сила

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Иако за некого звучи претенциозно називот автоиндустрија за дваесетината фирми што во земјава произведуваат резервни делови и автомобилска опрема, тие сепак обезбедуваат повеќе од 60 отсто од вкупниот извоз. Но, над плановите за нови инвестиции се надвиснува проблемот со недостиг од квалификувана работна сила.

Хрватска ја има „Невера“ на Римац, Босна го лансираше првото електрично возило, во Крагуевац ќе се склопува електричниот „ситроен Ц“… Македонија и натаму е единствената земја на Балканот во која не се произведуваат автомобили.

Користејќи ја поранешната база на „ТАМ“ или „Застава“, некои од светските автомобилски брендови се позиционираа во бившите ЈУ-републики, но домашната автоиндустрија не вклучува ниедна монтажна автомобилска линија. Сепак, овој ресор практично почна од нула пред петнаесетина години и сега вработува  во земјава неколку десетици илјади лица, сочинувајќи мало, но сепак здраво јадро на успешни производители на автоделови.

Иако за некого звучи претенциозно називот автоиндустрија за оние дваесетина фирми што произведуваат резервни делови и автомобилска опрема, тие сепак генерираат 60 отсто од македонскиот извоз. На македонските улици сè уште се тркалаат некогаш сеприсутните „101“, без оглед што лани во ноември се навршија 14 години откако беше произведена последната застава. Покрај 20-тината сопствени фабрики во разни делови на поранешна Југославија, фабриката Застава од Крагуевац имаше и свои 16 кооперанти и добавувачи во Македонија за 312 позиции. Оттука, перспективата на нашата земја е во изградба на капацитети кои ќе ја опслужуваат европската автомобилска индустрија.

Со влезот на автомобилскиот гигант „Џонсон контролс“, а по неа и изградбата на капацитетот на компанијата „Џонсон Мети“ во зоната Бунарџик, земјава стана атрактивен сервисен центар за автомобилската индустрија. Државата сè повеќе се концентрира на привлекување странски компании што со производство на автомобилски компоненти би ги опслужувале овие центри, бидејќи производството на автомобили е многу покрупен и поинаков залак од технолошки, а во последно време и од аспект на работна сила.

Стручните студии предвидоа дека во наредните години Чешка, Словачка и Турција ќе бидат главни производители на автомобили во Европа. Тоа значи дека производителите на компоненти и сите придружни фирми што ја опслужуваат индустријата ќе се шират во регион што им нуди конкурентност, работна рака и други бенефиции. Токму тука е нашата перспектива, а технолошко-индустриските зони се една од компаративните предности што ги има Македонија.

На краток рок, стратегијата за привлекување инвестиции во автоиндустријата логично беше да се фокусира на работно интензивните производи, засновани врз ниските трошоци на работната сила, како автомобилски ремени, воздушни перничиња, сопирачки, катализатори, пластични делови, текстилни и кожени компоненти. Но, амбициите за поголемо и поскапо производство ќе се крунисаат со најавите дека во охридски „Костал“ в година ќе почне производство на полначи за хибридните возила на групацијата „Фолксваген“. Германски „Костал“  е кај нас повеќе од пет години, а нивните вложувања се повеќе од 100 милиони евра.

Сепак, над плановите за нови инвестиции се надвиснува проблемот со недостиг од квалификувана работна сила. Иако инвеститорите во оваа бранша нудат многу повисоки плати од другите гранки, и тие ја делат истата судбина со другите бизниси. Плановите им зависат од тоа каде и колку работници ќе најдат. Оти џабе се отвораат нови погони, ако тие зјаат празни.

Недостигот од квалификувани работници не е само оптоварување за компаниите, туку е проблем и за остварување на предизвиците на поблиската иднина, како што се енергетската транзиција, дигитализацијата и изградбата на индустриската инфраструктура. Истражувањата покажаа дека дури 84 отсто од компаниите не се во состојба да ги пополнат слободните работни места. Најтешко се доаѓа до инженерски и технички кадар.

На новите генерации им треба повеќе време за да стасаат до посакуваните квалификации, оти дипломата е само почетно скалило до вистинското знаење. Дали Отворениот Балкан е единственото решение или лекот ќе се бара во увоз на работна сила од Далечниот Исток? Државата и компаниите ќе треба да го изберат вистинското решение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот