Ни треба антифашизмот

Кај нас, на сите граѓани на Македонија денес, им треба антифашизмот, им треба собирање во фронт за одбрана на мирот и слободата, правдата и социјално-економската еднаквост. Им треба обединување околу таква македонска национална и државна платформа.

Во нашата стварност, сè повеќе, се чувствува недостиг од антифашизам. Затоа, приоритетно ни е потребно, при градењето на историската и општествена свест да се оттргнеме од неолибералните, профашистичките и ревизионистичките глупости и лаги, од историографската агнозија, од болеста на немање сознание за сопствените национални корени, од болеста која предизвикува неспособност за распознавање и разбирање на суровата и неправедна стварност заради која луѓето се омалаксани и обесхрабрени за борба.

Да се оттргнеме, колективно, и од идеолошкиот неолиберален и од историографскиот профашистички абдеритизам, оти тие секојдневно нè уништуваат како слободни луѓе и нè претвораат во безмозочни робови на капиталот.

Црвени универзитети

Треба да потсетуваме на основните карактеристики на фашизмот со цел да предупредиме на неговото повампирување во сегашноста во форма на популизам и десничарски корпоративизам. Но, истовремено, за да го поттикнеме антифашистичкиот отпор, да потсетуваме, секогаш, и на оние наши млади луѓе, кои жртвувајќи го својот живот, порекнаа сè што долга низа години во средината на минатиот век претставуваше негација на гнилата и лицемерна морално-политичка кралска и царска граѓанска клима. Негација на оној секојдневно присутен ќотек, на масовно апсење, на депортациите, на прогоните, на ноќните претреси и сеопштата граѓанска несигурност.

Во овој контекст, да потсетиме на македонскиот скоевски отпор од триесеттите и четириесеттите години, кој одекна во нашиот општествено-политички мрак како светлечки сигнал кој го покажуваше патот кон слободата и правдата, патот кон спасоносниот излез од разбрануваното море и разбеснетата бура во која, дотогаш, сите македонски галии доживуваа бродолом. Тој отпор беше знак дека сè уште не потонало сè што е национално македонско. Беа тоа наши херои што ги родиле занданите и тортурата на бугарските, српските и грчките окупатори, херои кои се изнедриле од виуличавата партизанска борба, но и од макотрпната политичка наобразба низ „црвените универзитети“.

Сосема е јасно дека денес антифашистите треба да работат упорно и неуморно за да се зачува црната, негативната боја врз поимот „фашизам“. Мораат да се разоткријат фашистичките манипулации и затскривањата зад поимот „национализам“. Неопходно е антифашистите да се соберат и обединат. Кај нас, на сите граѓани на Македонија денес, им треба антифашизмот, им треба собирање во фронт за одбрана на мирот и слободата, правдата и социјално-економската еднаквост. Им треба обединување околу таква македонска национална и државна платформа, која ќе ги стави на страна сите ситни политички разлики и ќе ги насочи силите кон одбрана на македонските национални, социјални и човекови права.

По едно такво обединување, убаво ќе се види дека Македонците не се ниту така малку, ниту така немоќни. Ќе се види и дека антифашистите се повеќе од фашистите. Можеби, навидум, заради парите, заради поддршката од светските фашистички центри и заради агресивноста во политичкиот јавен настап, изгледа дека приврзаниците на фашизмот се побројни и подобро организирани, но реално не е така.

Едноставно, антифашистите се тука, насекаде околу нас. Антифашистичкото движење расте. И ќе расте. Но, треба да се работи напорно на терен и сред младината што доаѓа. Треба да се објаснуваат манипулациите и лагите на фашистите и ревизионистите. Треба антифашизмот да се движи кон еден поактивен, борбен политички настап. Кон политички акции.

Епска борба

Како потсетување и охрабрување за денешната антифашистичка борба, треба да се потсетиме дека во 1941 година имаше само околу тринаесетина илјади комунисти низ цела Југославија и околу шеесетина илјади припадници на СКОЈ. Сите тие беа жестоко стигматизирани, беа надвор од законот, па секоја десничарска и профашистичка будала можеше да убие некого од нив и за тоа да не одговара. И, реално зборувајќи, ги тепаа и ги убиваа. Масовно. Безмилосно и сурово. А тие, сепак, таа кобна четириесет и прва година го повикаа и го кренаа народот на востание, на револуција, па се наредија во првиот строј, гинеа и страдаа.

Од таа епска борба за човекови и национални правдини, се раѓаа нови борци, па на крајот од југословенската револуционерна епопеја од средината на минатиот век израсна осумстотини илјадна високоморална и високомотивирана војска што ја ослободи земјата од фашистичките окупатори и нивните домашни измеќари.

Благодарение на таа борба, се оствари правото да се гради сопствената држава по сопствена волја, без разлика што за тоа мислат „големите“ од исток и запад. Всушност, токму така, од борбениот антифашизам се создаде македонската држава. И тоа треба, денес, во секоја пригода да се потенцира, со цел да се сфати дека антифашистичката борба беше и повторно може да биде – победоносна.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот