Ни попис, ни вакцини, ништо не ја руши фудбалската коалиција

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Спротивно од јавното препукување помеѓу претеседателот и министерот за здравство, Барди и Пандев соработуваа извонредно на теренот. Тие никогаш не си префрлиле дека треба од нешто да им биде срам, туку се бодрат по секоја грешка, статива или задоцнета реакција.

На фудбалерите од македонската репрезентација не им е потребен попис за да ја победат Германија на гости, ниту, пак, ги интересира каков е исходот од преговорите помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата. Не, тие за Македонија играат затоа што се добри фудбалери, зaшто на секоја средба во националниот дрес даваат сè од себе.

Точно е дека фудбалерите некогаш губат, а дека некогаш победуват, за разлика од политичарите кои ги загубија сите битни натпревари. Победата од 1:2 над четрикратниот светски првак Германија во Дуисбург, во квалификациите за Светското првенство е доказ за квалитетот на момчињата, кои претходно со пласманот на Европското првенство го достигнаа историскиот успех на македонскиот фубал.

Во репрезентаијата играат Македонци, Албанци, Турци, Власи и претставници на другите националности во земјава. Така е и во државните институции, каде точно во процент, според застапеноста на етничките групи, се вработени нивни претставници на централно и локално ниво. Законите кои произлегуваат од Рамковниот договор тоа го прецизираат, па нема место за импровизација.

Во селекцијата тоа не важи. На Адеми и Алиоски не им е потребен „човек од партија“ за да им обезбеди место во тимот. Тие тоа го обезбедиле со годините на тренинг и пожртвуваност на теренот. Горан Пандев не е најдобар наш фудбалер во последните децении бидејќи е Македонец, ниту Елиф Елмас е најскапиот бидејќи тоа му го овозможува некаков закон или договор. Нивната коалиција (селекција), не зависи од политички договор и „правична“ распределба на тендери, туку од квалитетот што го поседуваат.

Селекторот го составува тимот според актуелната форма на фудбалерите. Тие некогаш играат добро, а некогаш подобро. Се повредуваат, закрепнуваат, тренираат напорно или се принудени да одмараат. На администрацијата никој не ѝ ја мери формата. Врските со политиката се единствениот предуслов за вработување во државна служба, а потоа „местото во тимот“ не се губи до пензија. Тука приказната е иста за сите, за Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роmи, Власи и Бугари. Квалитетот не се бара, ниту се проверува.

Фудбалерите покажаа дека знаат да се држат заедно и во моментите кога условите за игра се тешки. За разлика од политичарите кои во „најцрните“ денови од пандемијата се поделија по сите основи, фудбалерите не ги напушти тимскиот дух по „пеколното“ темпо наметнато од Германците во првото полувреме, па дури успеаја да поведат пред истекот на 45-тата минута. Спротивно од јавното препукување на претеседателот и министерот за здравство, Барди и Пандев соработуваа извонредно на теренот. Тие никогаш не си префрлиле еден на друг дека треба од нешто да им биде срам, туку се бодрат по секоја грешка, статива или задоцнета реакција. Фудбалската селекција докажа дека и во една повеќенационална држава, работите можe да бидат едноставни. Игра тој што знае и умее, а само на таков начин колективот посакува успех. Во партиски поделената администрација, од никого не се бара знаење и умеење. Успехот на партијата, а не на државата, носи нови вработувања, директорски и министерски фотелји.

Секоја чест за репрезентацијата на Македонија, која е само втората во историјата што на Германија ѝ нанела пораз во едни квалификации на домашен терен. Македонија, освен спортски, на ниту едно друго поле не може да се мери со Германија. Политичарите покажаа зошто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот