Ни девалвацијата од 90 отсто не може да ја спаси либанската фунта

Либанска фунта/ Фото Ali Chehade / Alamy / Alamy / Profimedia

Еден долар од вчера чини 15.000 либански фунти откако Централната банка во Бејрут прогласи девалвација од 90 отсто за да ја приближи националната валута до нејзината реална вредност на црниот пазар.

Курсот на либанската фунта во однос на доларот 25 години беше фиксиран на 1.507. Но, ретко кој би заменил 100 долари за 105.700 фунти според официјалниот курс, кога на црниот пазар за истата сума би добил 5,9 милиони фунти. Поради огромната разлика во вреднувањето, целата трговија во Либан со години се води на паралелни неофицијални пазари.

Вредноста на либанската фунта почна нагло да тоне по финансиската бура во 2019 година, за која се вели дека е последица на десетиците години корупција, злоупотреба на фондови и недомаќинско трошење. Потегот на Централната банка е со цел да наметне валутен курс прифатлив за трговците, како еден од првите чекори за излез од кризата. Тоа беше и услов од Меѓународниот монетарен фонд за одобрување пакет за спас во износ од 3 милијарди долари.

Новиот курс би можел да ги поттикне Либанците со девизни сметки да ги разменат странските валути за локални фунти и да ги користат на пазарот. Но, аналитичари укажуваат дека оваа мерка нема да има големо влијание врз крупната економија, која е доларизирана.

Либанската фунта изгуби 97 отсто од својата вредност за период од септември 2019 до ноември 2022 година. Банките практично не функционираат, а загубите на финансискиот систем се проценети на 72 милијарди долари.

Граѓаните четири години не можат да ги повлечат девизните заштеди од своите сметки, поради што веќе имаше неколку „грабежи на сопствени пари“ и заложнички драми. Сѐ се продава само во кеш и се претпочитаат долари. Денес близу 75 отсто од трансакциите во Либан се во долари.

Касите се преполни со банкноти, а продавачите редовно покрај себе чуваат огнено оружје за да се заштитат од грабежи. Продажбата на челични сефови лани се зголемила за 15 отсто.

По канцелариите и домовите оперираат мобилни менувачи, кои нудат по 59.000 фунти за долар. Големите трансакции се „прокнижуваат“ со фотографирање на сериските броеви на доларите.
Таквите трансакции отвораат огромна дупка за перење пари и за уфрлање валкани пари во системот. Американското министерство за финансии пред една недела воведе санкции против либанскиот менувач Хасан Мукалед поради основани сомневања дека перел пари на проиранската милиција Хезболах.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот