Независните советници се обединуваат за почист воздух: Десет години дебатираме, време е за работа

Загаден воздух во Скопје
Загаден воздух во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Членовите на општинските совети од независните граѓански листи во моментов преку апликацијата „Зум“ одржуваат јавна дебата на тема „Како да се намали загадувањето на воздухот?“ и го изнесуваат своето мислење за состојбата во нивните општини. Ви пренесуваме дел од излагањата.

Јане Димески, „Шанса за Центар“, Општина Центар:

– Десет години зборуваме за загаденост на воздухот, а за тоа време општината го губи целиот простор со зеленило со кое може да се интервенира против загадувањето. Го изгубивме паркот кај хотелот „Бристол“, кај Дом на АРУМ, кај УКИМ, на булеварот Свети Климент Охридски, улицата Теодосиј Гологанов итн. Изгубивме огромни зелени површини кои сега се послани со паркинзи и станбени згради. Секоја празна површина се пополни со згради и не гледам како тоа ќе да го сопреме. Се намалува површината што може да не штити од загадување.

Јане Димески, советник во Општина Центар/Фото: Слободен печат

Општината Центар има Локален еколошки акционен план, тој постои како документ, но од него ништо не е спроведено. Предложивме амандман да се направи попис на сите оџаци во општината, да се знае од каде чади и што излегува од оџаџите, па да се мапираат сите реони во Центар каде има извори на загадувањето и да се види што може да се превземе. Амандманот ни беше одбиен, а тој требаше да биде прв во низа мерки.

Инаку и студијата „Скопје се загрева“ од пред неколку години веќе дава доволно основи за да се превземат мерки. Според таа студија, сто домаќинства во Центар се греат на јаглен и досега Општината требаше да помогне да се смени, но не се преземаа мерки во насока да се замени греењето на овие домажинства.

Третата работа што треба да ја прави општината е да заврши со оправдувањата за ненадлежност. Има државни објекти кои користат мазут за затоплување, како на пример студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ и општината треба да тропа на врата кај надлежните и да бара приоритет да им биде замената на начинит на греење.

Горјан Јовановски, „Зелен хуман град“, Град Скопје:

– Загадувањето не стои во една општина, оди насекаде и затоа соработката е клучна. Во буџетот помина предлогот да се постави хипер мрежа со мерни станици, па се очекува на 40 локации низ Скопје да се постават сензори за следење на аерозагадувањето. Но, потребна е соработка и со општините, кои немаат поставено ниту еден сензор на своите објекти. Треба и тие да постават на општинските згради и на други јавни објекти и со помош на овие инструменти веднаш да знаат од каде доаѓа загадувањето. Затоа што, колку што знаеме ние во Градот Скопје, во општините знаат и многу подетаљно од каде доаѓа загадувањето. Ние можеме да правиме мерки какви сакаме, бесплатен јавен превоз, пар-непар, забрана за индустрија, но, ако немаме податоци, ако не знаеме како тие мерки делуваат врз намалување или зголемување на загадувањето, не можеме да процениме дали се успешни или не. Секако, треба да ги поставуваме и скапите и попрецизни мерни станици какви што поставува Министерството за животна средина.

Горјан Јовановски, ЗХГ / Утрински брифинг

Секогаш ќе дебатираме дали најмногу загадуваат домаќинствата, сообраќајот или друго и тоа е во реди тоа е во ред. Тешко е да се следат домаќинствата, но лесно е да се следи индустријата. Ние инсистиравме сите големи загадувачи да постават периметарен мониторинг-систем, со инструменти околу самиот комплекс на фабриката и во средината, со кои ќе се следи аерозагадувањето. Ако реагира периметарната станица, и средишната исто така, тогаш се знае дека загадувањето потекнува од фабриката, а ако реагираат две периферни станици, тогаш е од надвор. Сума сумарум, мониторингот е премногу битен, како и соработката, ако сакаме да се избриме со аерозагадувањето

Елмедина Абдулау „Подобро за Тетово“, Општина Тетово:

– Тетово е најдобар пример за ова што го зборуваше Горјан. Ние бевме светки рекордери во светот, во 2015 година додека работеше Југохром имаше ниво на ситните честички ПМ10 близу до илјада микрограми на кубен метар воздух. Денеска имаме за 60 отсто помалку загаден воздух, што покачува дека ако има политичка волја и соработка со граѓаните, проблемот може да се реши. Секако, домаќинставта имаат удел, но големите индустриски загадувачи мора да бидат третирани од централната и локалната власт.
Тешко е да се занимаваме со загадувањето од домаќинствата, но лесно е од јавните објекти и треба да почнеме од тоа што е реално. Има евтини мерачи, ги имаме поставено и знаеме кој дел кога е загаден. Во индустрискиот дел најмногу загадување има навечер, каде има инсталаци со Б-еколошки дозволи и кога инспекторите не работат. Во урбаниот дел, пак, каде што се домаќинствата, загадувањето е наутро. Ние побаравме да се повлече работната програма на секторот за животна средина во тетово и да се доработи, за да се вметнат реални решенија. Бараме инспекторите да работат 24/7. Ако имаме загадување навечер и инспекторите треба тогаш да реагираат.

Исто така, во Тетово има 44.000 автомобили, што е најголем процент во Македонија. Тоа се стари возила со нееколошки стандарди што беа увезени од Европа. Голем проблем е што немаме доволен проток за сообраќајот на коловозите. Освен ова, проблем е што немаме доволно зеленилото, како и греењето. Неформален податок е дека има греење со остатоци од малите фабрики за мебел и со изгореното масло од автомобили и тоа треба да се детектира, за да се забрани. Треба сериозна и заедничка работа.

Ѓорѓи Танушев, „Стига е“, Општина Струмица

Тетово порано беше рекордер во аерозагадувањето, но сега е Струмица. Дури е рекордер во светот со загадување од 600 микрограни честици на кубик воздух. Инаку, Општина Струмица одвојува 15 отсто за екологија, имаме гасоводна мрежа, имаме добри предуслови да не бидеме загадени, но сме. Не знаеме што точно се случува, но има нешто што не е во ред. Мерките што досега се превземени, со сета почит, не даваат резултат, се случива уште полошо. Во Струмица има две фабрики со А-еколошки дозволи и стотина со Б-дозволи, па станува прашање што ја загадува Струмица и ова е мистерија што допрва треба да ја откриеме. Треба да се активираат општинските инспектори, но тие немаат опрема, немаат инструменти за да детектираат, а немаат ни програма за работа. Како општина ние ги имаме сите можности да бидеме напред, а ние сме сосема назад. Индисртијата во Струмица е составена од голем број на помали инстарлации од дрвната и текстилната индустрија, значи процеси кои не би требало да загадуваат, особено заради гасоводната мрежа. Но, од друга страна мерките со субвенционирање на гасот од 10 денари по кубик нема да дадат ефект заради глобалните трендови на поскапување на гасот. Ќе мора да го идентификуваме проблемот, кој ја загадува Струмица, да се направи мрежа на помали индикативни станици, поевтини, кои би ни дале само индикација од каде има загадување.

Проблем се и раноградинарските оранжерии кои се греат на дрво и трошат огромни количества огревно дрво во сезона. Но, тоа не се единствени загадувачи. Процентот на ПМ10 од отворените огнови од оранжерите и од домаќинствата е еднаков на процентот на најситните честички ПМ2,5 кои потекнуваат од финото согорување, кое пак е од автомобилите и од индустријата. Има индустриски капацитети шпто загадиваат, а не се детекторани. Очекуваме законот за индустриски емисии да помогне да се среди ситуацијата.

Габриела Илиевска, „Поинаку“, Општина Битола

– Големо е задоволството за овој состанок со независни советници во повеќе општини. Пред 4 години беше тешко да се зборува за овие теми, но со јавен притисок и со секојдневна реакција може да се постигнат резултати. Не мже да се постигне многу за кратко време, но нашата реакција придонесе за промена на климата во нашата општина. Во последните два изборни циклуци гледаме дека има зелена агена и во политичките партии и тоа е добро и е резултат на активистите.

Габриела Илиевска / Фото: Принтскрин

Битола го има РЕК Битола и тоа е болната точка за која никој не сака да зборува. Втори сме по болни од малигни неоплазми, што е лош податок за градот. Нам не ни требаат мерни станици, ние знаеме дека нема место каде не е загадено, дури и моликата на Пелситер е загадена. Ова е голема тема за која треба системско решение и мора да се вклучи централната власт. Како држава мора да имаме стратегија, оти Битола има проблем со РЕК, кој пак обезедува 70 отсто од вкупните потреби за струја. Некако е тешко е да почне тој енергетски комбинат конечно да почне да работи според прописите и да ги заштити, пред се, своите вработени, па граѓаните на Битола. Имавме напредок во програмата за животна средина и буџетот е зголемен од 3 милиони лани, на 10 милиони денари, но и тоа е малку. Најголемиот проблем е недостаток на стручен кадар. Имаме само еден инспектор за животна средина. Се обидовме да формираме екополиција на терен, кои ќе ги реализраат пријавите на граѓаните. Непопларно, но од некаде мора да се почне. Имаме мерки, на пример, субвенции за велосипеди, но претходнио мора да се направи анализа дали тие имаат ефект. Еве четврта година даваме субвенции за набавка на велосппеди, а немаме велосипедски патеки. Заштита на централно градско јадро, сакме затварање на градот, со патеки, се судруваме со чекање на дозволи, друг виод на развој на инфраструктурата итн.

Мора да постои соработка, да функционираме како мрежа и да направиме стратегија како да се справуваме со проблемите. Ние десет години само разговараме, редно е да почнеме да превземаме мерки, да се реализираат локалните еколошки акциски планови, кои само седат во фиоките.

Дебатата ја организира Граѓанскиот инспекциски совет. Освен советниците во општините, учествуваат и претставници на клучните институции: Министерство за животна средина, градоначалници на градови со изразито аерозагадување, Државниот инспекторат за животна средина и од Инспекторатот на Град Скопје Целта е заеднички и транспарентно да се разгледаат мерките што се преземаат или не се преземаат, проблемите кои ја попречуваат примената на мерките, инспекциите за животна средина и нивната екипираност со стручни кадри, техничка опрема и средства за вршење на инспекциски надзор на државно и локално ниво, како и законите и подзаконските акти кои не се донесени или се несоодветни. По дебатата, ќе бидат формулирани јасни барања до надлежните институции. Модератори на дебатата се Лилјана Поповска од Зелен институт и Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот