Независниот театар „Златен Елец“ премиерно ќе изведе претстава во режија на Ана Батева

Претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, поставена по текст од Ханох Левин, е огледало на малиот човек со сите негови стравови и инстинкти, болки, но и желба за живот во едно. Премиерната изведба на претставата со сценска верзија и режија на Ана Батева е на 24 јули во Младинскиот културен центар во Скопје.

Специјалист во тоа да ја провоцира и шокира публиката, Ханох Левин презентира безмилосна дисекција на основните вредности на нацијата и државата. Оваа црна комедија, преку различни скечови и апсурдни ситуации раскажува за парадоксот на денешното постоење.

Ликовите исправени на работ на егзистенцијата, свесно ги исмејуваат животните неправди и системскиот апсурд, и со достоинство се спротивставуваат на болката причинета од соочувањето со светот.

Како резултат од хаосот низ светот со неговите капиталистички вредности и консуматорство, ликовите ја губат генералната смисла и се оставаат на задоволството од малите работи што „живот значат“. Затоа претставата е панк-рок кабаре кое се бунтува против статусквото на апсурдните случувања околу нас и со песна му се насмевнува на животот.

Претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ е петта премиера на независниот театар „Златен Елец“ во неговото едногодишно постоење.

Во претставата играат Надица Петрова, Бобан Алексоски, Димитрина Мицкоска, Григор Јовановски, Миа Кантарџиева и Давид Илиќ. Преводот на текстот е на Иван Калошев и Ана Батева, музиката на Стефан Здравески, а дизајнот на Христо Христов.

Претставата е соработка на Театар „Златен Елец“ со „СПАМ Студиос“ од Бугарија. Финансирана е од Министерството за култура на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот