
Независниот синдикат на пожарникари алармира: Ако нема нови вработувања за пет години ќе останеме без искусен кадар
Независниот синдикат на пожарникари апелира дека недостасуваат професионални пожарникари во територијалните противпожарни единици во земјава и ако не се реши ова прашање, дел од единиците во наредните пет години нема да имаат соодветен и искусен кадар кој ќе ги едуцира новите колеги.
Препорачано
Оттаму посочуваат дека не е запазен законскиот минимум и просечната старост на вработените е околу 48 години.
– Состојбата е алармантна имајќи предвид дека пополнетоста на единиците е некаде на 50 проценти од законскиот минимум, додека просечната старост на вработените во повеќе единици изнесува околу 48 што укажува на фактот дека ако ова прашање не се реши набрзо, некои од единиците во наредните 5 години ќе останат без соодветен кадар кој како поискусен би требало да ги едуцира во работата новите колеги, велат од Синдикатот.
Хроничниот недостаток на вработените, според Синдикатот, сериозно влијае врз квалитетот на извршување на акциите на спасување на животи и имот на граѓаните и претставува опасност по безбедноста и здравјето на пожарникарите кои се обидуваат да го надоместат недостатокот на персонал.
-Доведени сме во ситуација ова обраќање да биде апел, односно директна замолница до Владата и другите надлежни институции ургентно да започнат со решавање на овој проблем, пред да биде доцна, се наведува во соопштението од Синдикатот.