13 C
Скопје

Незадоволството ќе се слуша внатре или надвор од СДСМ?

Ова незадоволство кулминирало во Охрид, каде што членови на СДСМ и поранешни советници во Советот на општината формираа Иницијативен одбор за поднесување листа од независни кандидати за советници под мотото „Охрид пред сè“.

Во македонската јавност повторно се шират гласини дека поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој 20 години беше на чело на оваа партија, би можел да формира нов политички субјект и да им ги помати сметките на останатите политички партии за локалните избори предвидени за втората половина на октомври. Наводно, на тој начин би се артикулирале незадоволните од политиките на СДСМ, внатре во партијата, кои сѐ повеќе биле маргинализирани.

Неофицијално, извори во СДСМ велат дека има доста незадоволни партиски членови, особено во последно време и тоа поради последните случувања околу разрешениот директор на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, како и заминувањето на Радмила Шеќеринска по осум години од функцијата потпретседател на владејачката партија. Ова незадоволство кулминирало во Охрид, каде што членови на СДСМ и поранешни советници во Советот на општината формираа Иницијативен одбор за поднесување на листа од независни кандидати за советници под мотото „Охрид пред сè“. Со соопштение тие информираа дека нивна основната цел е на изборите да понудат граѓанска листа „составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани, кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде што граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми“.

Од Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски велат дека нема да ги коментираат овие објави за негово можно учество во формирање нова политичка партија. „Црвенковски останува на ставот да не дава изјави за јавноста по било кое прашање“, велат од неговиот кабинет за „Слободен печат“.

Политикологот Петар Арсовски вели дека е премногу рано за какви било прогнози за формирање нов политички субјект од незадоволното крило во СДСМ.

– Ние во моментот не знаеме дали незадоволството внатре во СДСМ е автентично или, пак, е некаков стимул од страна. Тоа ќе го дознаеме ако ваквата ситуацијата како што е во Охрид се прошири во повеќе градови. Дури тогаш ќе можеме да видиме дали станува збор за некаква координирана инцијатива или станува збор за локални изблици на незадоволство. Вака, за еден град и пет членови, не може да се зборува за координирана акција. Инаку, вакви иницијативи, сме гледале од сите страни и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и гледаме дека не доживуваат некој голем успех. Македонија е сепак премал политички пазар за многу мали партии. Така што во таа смисла треба да се почека, да се види. Вистинските политички потези ќе се влечат пред локалните избори, по летните одмори – вели Арсовски.

Поранешната пратеничка и претседател на Градската организација на СДСМ Софија Куновска за „Слободен печат“ вели дека нема информации за основање нова партија, но дека има чувство дека токму, како што вели, „центарот за пропаганда на СДСМ произведува приказни за нови партии сакајќи да измисли кривец за состојбите во кои тоне самиот СДСМ“.

– Сите незадоволства акумулирани подолг период, потекнуваат од различна природа. Но, најмал заеднички содржател им е отсуството на внатрепартиска демократија. Активните нема каде да го изразат незадоволството бидејќи органите на партијата се суспендирани и кога имате таква ситуација, природно е балонот еден ден да експлодира. На ова „чистење“ претходеше „генералка“ на сите што не се дел од лојалистите на Заев туку размислуваат со своја глава. Во таа смисла логично е секој да наоѓа сопствен начин за артикулација на своите ставови и ако не сакаат да ги слушнат внатре ќе ги слушнат надвор – вели Куновска.

Засега од СДСМ не ги коментираат овие објави. Гласноговорникот Богданка Кузеска изјави дека ова е модерно демократско општество и секој е слободен да се натпреварува со своја политичка понуда.

Гласините за можното повторно активирање на Црвенковски беа засилени и на почетокот на годинава, како последица на незадоволството што го искажа Црвенковски на начинот на кој премиерот Заев се поставува кон македонско-бугарските односи. Тогаш почесниот претседател на СДСМ рече дека го замрзнува своето членство во партијата, сè додека водечките партиски луѓе, но и целата партија, не се оградат од интервјуто на Заев дадено за бугарската новинска агенција БГНЕС.

Поврзани вести

ВИДЕО | Се слушна ѕвоното во Детската клиника: Малата Ана ја доби борбата со болестите

Слободен печат

Утре се одбележува Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот

Слободен печат

Бегал од полиција, па со 140 км на час удрил во лежечки полицаец

Слободен печат

Двајца станари со деменција побегнале од старечкиот дом во Тенеси благодарение на воената обука, персоналот казнет

Слободен печат

Деспотовски: Заврши времето на евтина работна сила, немаме луѓе за извоз

Слободен печат

Успорената демографија нема да ја сопре Кина

Гидеон Рахман/Financial Times

Остави Коментар