Невработеноста се намалува, а пензиската дупка се зголемува?!

Фонд за пензиско и инвалидско осигурување/Фото: МИА

Парите што државата ги дава за да има редовна исплата на пензии, преку Министерството за труд и социјална политика се префрлаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а податоците покажуваат дека нивниот износ во 2021 година ќе биде за 27,5 милиони евра поголем од оној што беше планирано со „оригиналниот“ Буџетот за 2020 година, пред ребалансите.

Во Буџетот за 2020 година кој се планираше и кој се донесе пред пандемијата, ставката трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 30 милијарди денари, или 487,5 милиони евра, а во Буџетот за 2021 година за оваа намена се предвидени 31,7 милијарди денари, или 515 милиони евра.

Негативните ефекти од пандемијата доведоа до намалување на вкупниот износ на придонеси што се плаќаат од сите вработени, како резултат на привремено или трајно останување без работа на дел од вработените, поради што се коригираше „оригиналниот“ Буџет за 2020 година и со ребалансите се утврди дека годинава место 487,5 милиони евра, за пензионерите треба да се префрлат 499,4 милиони евра, а новата буџетска дупка од 515 милиони евра за 2021 година покажува дека и понатаму се продлабочува разликата меѓу собраните пензиски придонеси од сегашните вработени и исплатата на пензиите.

Но, според податоците од Предлог-буџетот за 2021 година, зголемувањето на пензиската дупка нема да биде резултат на намалената наплата на придонеси, затоа што во 2021 година е планирана вкупна наплата на придонеси – пензиски и здравствен придонес – од 1,1 милијарда евра, што е за 5 проценти повеќе од наплатата за оваа година.

 За 10 години двојно поголем износ за покривање

Анализата на податоците покажува дека зголемувањето на пензиската дупка е тренд што трае со години, па дури и со намалувањето на стапката на невработеност. Единствено во 2019 година имало помало префрлање на пари, во споредба со 2018 година.  Податоците за трансферите од Министерството за труд и социјална политика до Фондот за ПИОМ во последниве години покажуваат дека во 2017 година се префрлени 460,7 милиони евра, во 2018 година 474,1 милион евра и во 2019 година 449,8 милиони евра. А, ако се вратиме пред 10 години, може да видиме дека во 2010 година трансферите за пензии од државната каса биле повеќе од двојно помали, односно 222 милиони евра, но тогаш и собраниот износ на придонеси бил речиси двојно помал, како и самата приходна страна на Буџетот.

Меѓутоа,  пред 10 години, стапката на невработеност била над 30 проценти. Последните податоци пак, покажуваат дека стапката на невработеност е 16,7 проценти и се однесува на второто тромесечје од 2020 година. Но, ова стапка е изведена од Анкета на работна сила што ја спроведува Државниот завод за статистика за да ја процени вкупната вработеност, при што како вработени не се земаат предвид само оние што се редовно вработени и за кои се плаќа пензискиот придонес. Според Анкетата на работната сила, бројот на вработени во 2019 година изнесувал 797.651, а според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, на крајот од  2019 година имало 581.405 вработени за кои се плаќало задолжителното пензиско осигурување. Сепак, и податоците на Фондот за ПИОМ покажуваат зголемување на бројот на вработени со платено осигурување, бидејќи на крајот од 2009 година нивниот број бил 475.780 осигуреници, што значи дека за 10 години се зголемил за околу 100.000.

Што ги поткопува придобивките од намалената невработеност?

Бројките за вработеност одат во прилог на тоа државата да издвојува помалку пари за покривање на пензиската дупка, но другите податоци не се „добредојдени“.

Во 2009 година имало 278.463 пензионери, а просечната пензија била 10.182 денари. Во 2019 година имало 324.039 корисници на пензии, или за 10 години нивниот број се зголемил за 45.576 корисници. Во јануари годинава, пак, просечната пензија е 15.297 денари, или 50 проценти повеќе од пред 10 години. Но, овој раст не е соодветно следен со растот на бруто-платата. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната бруто-плата од јануари 2010 година до септември 2020, за кога има податоци, се зголемила за 36,7 проценти.

Во прилог на полнењето на касата на Фондот за ПИОМ не оди ни стапката на придонеси. Во 2009 година имало повисока стапка на придонес за пензиско и инвалидско осигурување, која изнесувала 19 проценти. Наредната година таа е намалена на 18, за да во 2019 година се зголеми на 18,4 проценти, а годинава на 18,8 проценти.

Експертите веќе подолго време алармираат дека треба да се направи пензиска реформа за да се намали дотацијата од државата. Како што е сега состојбата, секој седми денар, прибран од даночните обврзници, оди за исплата на пензии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот