Невладината левица со предизборен аперкат за СДСМ

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Десетина помали и независни синдикати и невладини организации, меѓу кои има и прилично угледни, вчера го поддржаа ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека Владата нема стратегија за помош на населението („работнички, работници, сиромашни и сите други обезгласени и обесправени“) погодено од здравствената криза, туку дека со палијативните, а не системски мерки од третиот пакет на помош, практично, предизборно купува гласови за себе.

Ваквото политичко согласие помеѓу опозицијата и невладиниот сектор доаѓа во исклучително лош момент за СДСМ и ДУИ, бидејќи ги слабее нивните општи политички позиции во време кога се водат политички разговори/преговори вон сите институционално пропишани процеси за тоа, со натегнати и спротивставени позиции, за прашањето кога треба да се закажат изборите во Македонија.

Оваа синдикална одлука на здружениот граѓански сектор веројатно го симболизира официјалното завршување на политичките „симпатии“ кон полибералните, централно-леви опции во државата, и се приближува кон радикално левите позиции на партиската сцена, чијшто речник може да се исчита од почетокот до крајот на вчерашното соопштение. Бидејќи, пак, тие формации (разно-разни леви сили) се во нескриен политички сојуз со демо-христијанската, националистичка ВМРО-ДПМНЕ, ваквото идеолошко поместување на граѓанскиот сектор претставува важна, предизборна промена на политичкиот баланс во државата. Се чини дека либералното статус-кво, коешто се одржуваше и во времиња со многу поголеми предизвици за македонската демократија, повеќе не може да се земе здраво за готово.

Претпоставувам дека оваа одлука на овие граѓански организации и синдикати е повлијаена од најмалку неколку причини.

Имено, дел од граѓанскиот сектор се чувствува разочаран, па и изманипулиран од тригодишната власт на СДСМ (во ДУИ никогаш и не се полагале големи демократски надежи!). Тој впечаток само се комплетираше по протечениот кафеански разговор на Заев со неидентификуваниот провокатор кој го снимал разговорот, а во кој Заев, во траење од десетина секунди, говори со потценување на класичен партиски оперативец за политичката употребна вредност на невладиниот сектор. Додуша, колку што се зелено-кафеански ставовите на Заев во тој разговор, подеднакво е незрела и навреденоста на разни луѓе од овој сектор заради ставовите на Заев. Човек би помислил дека после три децении демократија, невладините организации би требало да имаат помала наивност околу сопствените ангажмани на теренот на политиката, во и вон кафеани.

Тоа нè води и до прашањето на персоналните суети. Тие, како и во политиката, се значаен фактор и на невладината сцена. Тоа е нормално, бидејќи, главно, се работи за образувани, интелигентни и амбициозни индивидуи со изградени, понекогаш и догматски вредности, особено кога се крајните левичари во прашање. Шарено е тоа друштво, како што и доликува. Но, има многумина на кои или им е додеано само да го толкуваат светот, или отсекогаш само сакале да го менуваат, но да не мора да се заморуваат со дребулиите на изборната партиска политика. „Експертски“, што би се рекло. Којзнае какви им биле и со која доза на остварливост личните, а не само идеолошките надежи по падот на Груевски од власт.

Нејсе, новата реалност со која СДСМ треба да се соочи е дека загуби значаен дел од граѓанскиот сектор како своја „природна“ идеолошка поддршка. Тој сектор сега е практично-политички повеќе радикализиран, иако не верувам дека најголемиот дел од него би бил подготвен за некаков „нов“ идеолошки сојуз со ВМРО-ДПМНЕ, каков што би бил неупатениот впечаток од проценката на поединечни однесувања.

А, можеби предизборието е вистински период за политички притисок, бидејќи нашите партиски елити никогаш не научија да ја ценат поддршката што доаѓа без придружна закана. Доколку на изборите дојде до промена на власта, за очекување е дека ВМРО-ДПМНЕ и нивните сојузници од крајната левица ќе ја научат оваа корисна лекција што дел од невладиниот сектор му ја одржа на СДСМ.

Ако не, истата приказна, од почеток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот