Неверојатната цена на една фотографија

Никола Димитров
Никола Димитров / Фото: EPA-EFE/DIMITRIS TOSIDIS

Утре, Македонија во Брисел ќе ја подотвори првата страница од книгата наречена пристапни преговори со ЕУ. Меѓутоа, како кога при вртење страница некој ќе не’ прекине па остануваме со раката во воздух, тука ќе застанеме и ние. За да ги до-отвориме преговорите, за да го свртиме првиот лист до крај, треба да ги внесеме Бугарите во Уставот. Затоа, првиот успех според владата, преговорите да почнат сега, е обичен фолклор, шанса за слики и видео клипови за да им се помогне политички дома. Владата утре ќе каже, „ги отворивме преговорите” и тоа нема да биде точно. Ако биде искрена, ќе каже „почнавме да ги отвораме преговорите”. За жал, вакво отворање на процесот во два чекори се случува за првпат во историјата на ЕУ.

Софија го доби тоа што го бараше. Преговорите да не можат до крај да се отворат пред да се смени Уставот. Целиот притисок и вина, со амин на владата во Скопје, ќе се сврти врз Македонија, односно врз пратениците во Собранието. Си доби и европски и наши гаранции за диктат и наметнување на својот наратив за историјата како наш. Македонија доби, барем засега, нешто што веќе го имаше добиено и што неспорно и’ припаѓа – македонскиот јазик.

Апсурдни точки

Добро е што владата ја задржала последната црвена линија за македонскиот јазик, бидејќи во минатото и за ова имаше падни стани. Меѓутоа, таа придобивка е базична, и веќе обезбедена меѓу другото и преку Преспанскиот договор. Не може сега повторно со истата придобивка да се бранат други и тоа за жал неодбранливи отстапки кон Бугарија, која за разлика од Грција не разбира дека ниту треба да признава ниту да негира, туку едноставно има цивилизациска должност да го прифати нашето право на самоопределување и самоизјаснување. За потпишувањето на договорот со ЕУ за Фронтекс на македонски јазик немаше проблем ниту една друга земја членка освен Бугарија. Софија сега ова ќе го дозволи, врз основа на својата срамна, примитивна, непријателска и антиевропска декларација дека не го признава постоењето на македонскиот јазик.

Бугарија не го признава македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот народ, а бара внесување на дел од бугарскиот народ во истата држава каде македонскиот народ е мнозински. Значи, не зборуваме само за Македонците во Бугарија. Софија оди чекор понатаму и не ги признава ниту Македонците во Македонија, во друга држава, во нивната држава, каде тие се мнозинство. Оваа точка ги прави апсурдни и сите одредби за говорот на омраза, за која во текстот е избришана меѓународната дефиниција од претходните верзии. Како заемно ќе се бориме против омразата, ако Бугарија го официјализира говорот на омраза против Македонците преку тврдењето дека македонскиот јазик не постоел? Преку најдрско мешање во срцето на внатрешните работи на друга држава?

Историските прашања пак не само што се суштински дел од пристапниот процес кон ЕУ токму според францускиот предлог, туку сега и потпишаниот Протокол изобилува со рокови и задачи што се во директен условен однос со чекорењето кон ЕУ. На пример имаме „Мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори”. Јасно, Бугарија ќе блокира ако овие мерки не се исполнат. Има и мерки за понатаму, по втората меѓувладина.

Целата одговорност врз историчарите

Иако со внимателни зборови, протоколот очигледно создава очекување дека историјата и учебниците ќе „се испеглаат” во целост пред да се зачлениме во ЕУ: „Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ.” Ваква очекување на резултат нема ниту во Договорот за пријателство. Дали мислите дека Бугарија нема да стави вето ако историчарите не ја завршат својата работа?

Тврдењето дека историчарите ќе работеле без политички притисок е крајно манипулативно и несериозно, бидејќи со ова директно врзување на нивната работа со напредокот на целата нација кон ЕУ, на нивните раменици ќе биде целата одговорност и притисокот ќе биде неиздржлив. Бугарија успеа диктатот за историјата да го направи европски услов.

Притоа, од бугарска страна нема да седат историчари од маштапот на Марија Тодорова, која заедно со други бугарски историчари и интелектуалци напиша:

„Не сметаме дека единствениот историографски проблем е ‘идеолошкото наследство’ на ‘комунистичка Југославија’. Проблем е и владеењето на едно романтично и митолошко историографско мислење во самата Бугарија.

Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите негови специфики, се разликува суштински од начинот на којшто се формирани и другите нации, ниту пак сметаме дека тој може да се сведе до формулацијата … за „етнички и јазичен инженеринг“.

Макар што го прифаќаме поимот „заедничка историја“, ние се спротивставуваме на неговите елементарни интерпретации, како и на неговото користење за наметнување на единствена интерпретацијата – во случајот, официјализираната во Бугарија интерпретација на минатото.”

Утре ќе видиме една убава симболична фотографија. Ама цената за неа нема да можеме да ја платиме.

Преземено од Дојче Веле.

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот